Жителите на „Јака“ контра градоначалникот Стојановски: Не е точно дека парцелите сме ги купиле за 1 евро!

by fokus

Жителите на населбата „Јака“ денеска повторно протестираа пред општина Илинден. На првиот протест, тие ги презентираа проблемите со кои се соочуваат веќе 9-та година, односно дека наместо во елитна населба како што им било ветено, секојдневно газат во кал и одат во мрак, и наместо, како што доликува во 21 век да имаат канализација, користат септички јами.

Денеска пак поентираа дека обидот на градоначалникот Жика Стојановски да се оправда, коментирајќи дека плацевите ги купиле за само едно евро, е целосна невистина.

-Запрепастени сме со каква леснотија пред медиумите и практично пред целата макединска јавност, изговоривте безначајни изговори и запрепастувачки невистини. Со невистини и небулози ли мислите политички да просперирате и во иднина? Сте заборавиле ли дека изјавите на политичарите се минливи делата кои остануваат зад нив се трајни?
Плацевите се продаваа преку електронска лицитација со почетна цена од 2,5 евра. Дел од нив се продадоа за 10, 15, 20, 25 евра од квадрат, или во просек над 6.000 евра за парцела. Од друга страна пак комуналиите се 2 евра од квадрат, но тоа не значи дека сме привилигирани само ние, бидејќи тоа важи за цела општина Илинден, појаснуваат жителите.

Тие бараат од градоначалникот јавно да го објави договорот за „Јака“, а според кој како што вели, 90% од трошоците за инфраструктурата требало да ги покрие Владата, а 10% општината. Инаку градоначалникот изјави дека досега иако не морала општината вложила 30% за инфраструктура.

-Дајте јавно да го видиме тој договор. На крајот на краиштата дури и да постои таков договор, во што не веруваме, тоа не значи дека треба да не оставите на цедило, бидејќи договорите за купопродажба на парцелите, со кои не обврзавте со рокови за градба, ние ги потпишавме со општина Илинден, а не со Владата, велат жителите.

Тие исто така бараат од градоначалникот да каже и колку пари биле собрани со продажбата на парцелите, бидејќи според нивните информации станува збор за 1,4 милиони евра, плус средства од комуналии.

-И да е точно дека градоначалникот досега вложил 30% за инфраструктура, која ние не ја гледаме, тогаш тоа е од нашите пари собрани од плацевите, додаваат жителите.

Тие најавуваат дека ќе продолжат со протестите се додека не им се исполнат барањата. Градоначалникот Стојановски пак досега изјави дека до крајот на годината ќе биде изградена канализација, со пари кои општината ги доби од ТАВ, преку Владата.

Поврзани новости