Жителите на Ѓорче Петров излегуваат со конкретни барања до надлежните

by lali 15:20
15:20

Група жители на Ѓорче Петров, како граѓанска иницијатива, во наредниве денови ќе достават конкретни барања до општината, до советниците, Владата и до Собранието, по последните инциденти што се случија во населбата и по убиството на 19-годишниот Анѓел Петковски. Тие велат дека револтот кон полицијата е преголем, бидејќи станува збор за проблем кој тлее со години, а надлежните не презеле ништо за да го решат. Петицијата и барањата ќе бидат доставени до надлежните институции најверојатно во понеделник.

Ова се дел од барањата што ни ги доставија жителите на Ѓорче Петров.

- Advertising -

1. Да се срушат или затворат пешачките мостови кај очната болница и стадионот Југококта, бидејќи таму наводно се случувале најголемиот број напади.

2. Подобрување на односот кон граѓаните од страна на вработените во полициската станица во Ѓорче Петров

3. Отворање полициска станица во Сарај, која, според жителите, била затворена со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт и сите вработени биле прераспределени во Ѓорче Петров

4. Менување на законот за право на одбрана на приватна сопственост

5. Неселективно постапување кон кривичните дела што ги прават Македонците и Албанците

„Ние не сме хулигани, ние сме само граѓани кои се револтирани од општинските власти и од Владата. Нема партии, нема политика. Она што се случи во Ѓорче Петров е природна реакција на незадоволство“, велат жители на Ѓорче Петров кои инсистираат на анонимност.

Иако за денеска во 16 часот беа најавувани протести пред Владата на социјалните мрежи, нашите информации говорат дека такво нешто нема да се случи.

Поврзани новости