Жителите гневни обвинуваат дека ќе се уништи парк за да никнат згради, Јакимовски тврди дека вмровците лажат

by Fokus

Жители на општина Карпош за утре најавуваат протест пред зградата на Универзитетот за туризам и менаџмент и преку писмо до јавноста обвинуваат дека градоначалникот, Стевче Јакимовски ќе ги руши игралиштето, фонтаната и зеленилото спроти студентскиот дом, „Гоце Делчев“ за да се градат четири згради.

– В среда, 5 јули, на седница на Советот на Општина Карпош четврта точка од дневниот ред е гласањето за Деталниот урбанистички план Ј03 блок 02, за кој жителите на општината уште одамна искажале незадоволство. Сепак, градоначалникот Стевче Јакимовски в среда ќе се обиде детското игралиште, фонтаната и огромното зеленило покрај булеварот „Теодосиј Гологанов“ да ги претвори во згради.

Овој план содржи сервисна улица пред зградите од булеварот ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’, од број 149 до фабриката ‘Реплек’. Тоа е зелениот појас кој почнува од спротива на старата болница ‘Систина’ до ‘Реплек’, преку улица на студенскиот дом ‘Гоце Делчев’. Тука има игралиште за деца и фонтана и шеталиште за жители од 17 згради.

А зад зградите на булеварот ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’, т.е. на улицата ‘Јуриј Гагарин’ каде што има паркинг за зградите и куќите, во план е да се прави сервисна улица до ‘Реплек’.

Ова се прави со цел да се добие сообраќаен пристап за градежна парцела на која се наоѓа маркица за градење на 4 згради. Една зграда е со 11 ката и поткровје, една со 7 ката и поткровје и две згради со 6 ката и поткровје, се вели во писмото од незадоволни граѓани.

Тие го прашуваат Јакимовски дали вреди за 3 згради и профит за два-тројца да се уништува животот на 3.000 жители од ‘вашата’ oпштина?

Јакимовски пак негира и вели дека паркот, фонтаната и игралиштето покрај булеварот ги направил тој и нема да се уриваат никогаш.

-Се е тоа лага. Ако сакаат некого да го прашаат, треба да прашаат едно момче со поголема брада од мене – Коце Трајановски. Тој ги има проектирано тие улици и тие се согласно ГУП, кои што градоначалникот на Карпош само ги презема од Генералниот план – нагласи градоначалникот на Карпош.

Според него на планот немало забелешки, двапати го гледале и советниците, но дека сега некој сака политички да го употреби.

Сакаат да прават политика, нивен член вчера ми кажа дека им се јавиле од партијата да протестираат против планот. Ние сме соочени со луѓе кои сакаат да земат власт, а да го лажат народот и тоа не е чесно – рече денеска Јакимовски.

 

Поврзани новости