Почитувани,
Поттикнати од состанокот на Партиципативното тело за Треска, кое се одржа вчера, 07.04.2022 во Општина Центар, на кое бевме присутни и ние претставниците на работничките станови на овој опфат, сакаме јавно да го изразиме нашиот револт во врска со долгогодишната опструкција на изградбата на комплексот.
Претставниците на Партиципативното тело, упорно 4 години го опструираат развојот на овој предел и револтирани сме што постојано една иста група поединци нема слух за нашата страна и нехуманите услови во кои со децении живееме.
Старата фабрика Треска е темпирана еколошка бомба и веќе години наназад претставува огромен безбедносен ризик за нас жителите кои живееме во бараките на потегот „Рузвелтова“ и улицата „Владимир Полежановски“. Целиот простор со години е дувло за бездомници и наркомани, а нашите бараки се мета на разбојништва, кои и покрај интервенциите на полицијата, продолжуваат да се случуваатпрактично секој ден. Постојано живееме во страв, не само за нашата материјална безбедност, туку и за безбедноста за нашиот живот, бидејќи на овој простор често доаѓа и до пожари поради крадење и палење на електричните кабли.
Ги покануваме сите оние кои сакаат да ја спречат градбата на овој комплекс, како и медиумите, да дојдат и да се уверат во какви услови живееме и тоа во центарот на Скопје, особено сега во периодот на дождови кога целиот простор се поплавува, или во пресрет на летната сезона кога од маслата и машините се соочуваме со наезда од инсекти, црви од по 20 сантиметри и змии.
Треска е градот на духовите и претставува еколошка закана не само за нас жителите од оваа локација, туку и за целиот град Скопје. Јавно го прашуваме ова Партиципативно тело, како и организацијата „Шанса за Центар“, зошто противуставно се обидуваат со години да го загрозат нашето право на достоен живот, прво со незаконски мораториуми, а сега и со нелогични барања за реализација на некои конкурсни решенија кои воопшто не се во наш интерес?
Го охрабруваме градоначалникот Герасимовски конечно да го усвои планот на сопствениците на приватните парцели кај „Треска“, кој за разлика од моменталната ужасна состојба, предвидува комплекс со ниски згради и многу зеленило и како таков, нема никакви причини зошто да не се реализира.
На крајот, опоменуваме и дека доколку дојде до било какви нови опструкции на предвидениот проект, остро ќе реагираме и ќе ги искористиме сите правни механизми за да го добиеме она што ни е загарантирано, а тоа е единствено правото на достоинствен живот.
Група жители на опфатот „Треска“, претставници на работничките станови