Ние, претставниците на работничките станови кај Треска кои живееме на овој предел, револтирани сме што со години веќе никој не наоѓа решение за нашата безбедност. Не е прв пат да апелираме дека Треска е небезбедно место за живеење, каде многу често доаѓа до пожари, а неодамна испративме и известување до јавноста дека старата фабрика за мебел е еколошка темпирана бомба.
Повеќепати сме биле сведоци на палење на електрични кабли поради крадење на бакарот, што доведувало до бројни пожари и интервенции на Противпожарната служба, меѓутоа поради непристапноста на теренот последиците биле огромни. Секојдневно гледаме разбојништва во напуштениот индустриски капацитет и „Треска“ веќе одамна е прибежиште на крадци, бездомници и наркомани.
Стравуваме за безбедноста на нашите животи и безбедноста на нашите деца, кои наместо да живеат во урбанизирана населба сред центарот на Скопје, во своите дворови гледаат наезди од инсекти, змии и стаорци.
Практично од самото затворање на фабриката, оваа локација е потенцијална опасност не само за нас жителите, туку и за сите граѓани на Скопје, и бараме итно решавање на проблемот и конечно урбанизирање на овој дел од градот. Од нашето уставно загарантирано право на достоен живот нема да се откажеме, а денешниот пожар е само уште една потврда дека овде до овие рушевини повеќе не е безбедно да се живее.
Ние жителите стравуваме дека може да има нови експлозии и нови поголеми пожари, а нашите повици за урбанизација на оваа локација не доаѓаат само поради денешната катастрофа, туку поради сè понеподносливите услови за живот.
Како и сите граѓани, и ние сакаме отворени прозори со свеж воздух и зеленило, а не смрдеа, страв од разбојници и живот на депонија.
Група граѓани, жители на Треска