Група граѓани жители на Ново Маало денеска преку обраќање до медиумите изразија, како што велат, силен револт кон реакциите на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ и нивните обиди за суспензирање на комплексот „Гранд“ на паркингот спроти „Холидеј Ин“.
Тие велат дека изминатите 70 години биле жртви на институциите и поради, како што велат, активисти како Јана Белчева со години не смееле да направат никаква интервенција врз своите домови.
Со мораториумот кој таа го донесе во 2017 година како Претседател на Советот на Општина Центар, ние претрпевме директна штета, а таа не кажува зошто од тој мораториум го исклучи спорниот ДУП Ј07 во елитната населба на Водно кој предвидува ДУРИ 5-КРАТНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ВКУПНО ИЗГРАДЕНА ПОВРШИНА НА ОБЈЕКТИТЕ и 4-КРАТНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАТНОСТА. Тоа значи дека овие приземни бараки овде, сега може да имаат плус два ката и поткровје.
Па еве, ја прашуваме јавно Јана Белчева дали овој ДУП не го става под мораториум бидејќи смета дека:
1. БЕТОНИЗАЦИЈАТА НА ВОДНО Е ВО РЕД;
2. ВОДНО НЕ Е ПРЕДМЕТ НА НЕЈЗИНИОТ АКТИВИЗАМ
3. ВОДНО НЕ ГО СМЕТА КАКО СОСТАВЕН ДЕЛ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР
4. ИЛИ ИМОТОТ НА ВОДНО КОЈ ТАА ГО ПРОДАВА Е ПОБИТЕН ОД ИНТЕРЕСОТ НА ГРАЃАНИТЕ?
Вистинскиот одговор е дека Јана Белчева имала личен интерес за имот на нејзиното семејство пред кој стоиме денес. Таа личниот интерес го става пред интересите на нејзините сограѓани во Општина Центар кои ги држи во агонија цели три години со нејзиниот незаконски мораториум, обвинуваат тие.
Тие тврдат дека бараката од 200 м2 мајката на Белчева и нејзиниот вујко во септември 2020 година ја продаваат за 380.000 евра, на кое место денес може да изгради огромен објект од 1000м2.
Воедно, најавуваме и дека ќе поднесеме Претставка до Советот на Општина Центар, до градоначалникот и до Антикорупциска да го истражат овој случај, а ги покануваме и медиумите самите да истражат зошто ДУП Ј07 не беше под мораториумот на Јана Белчева?
Никој нема право да одлучува за нашите имоти и нашите животи и многу важно за сите т.н. активисти: Ново Маало не е јавен простор!
Тоа се приватни парцели, приватен имот и ние нема да дозволиме да ја испуштиме оваа шанса кога конечно имаме инвеститор кој преку фер обесштетување ни го решава нашиот децениски проблем.
Доколку блокадите од страна на Јана Белчева продолжат, ние нема веќе да трпиме, да молчиме и да се изјаснуваме само преку медиумите, туку ќе поднесеме тужба до надлежните органи и лично против Јана Белчева додека претседаваше со Советот на Општина Центар за претрпена штета од 2017 до 2021 година за време на нејзиниот незаконски мораториум.