Жители на Кавадарци и Свети Николе се селеле во Центар само за да гласаат!

by Фокус

Текстот е објавен на 08.04.2016 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 1070.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Локалните избори во 2013 година ги одбележа доминација на ВМРО-ДПМНЕ, која безмалку постигна апсолутна победа, освојувајќи ги градоначалниците и советите во речиси сите општини со македонско мнозинско население, што неминовно предизвика промени во тогашното опозициското водство – демисија на Бранко Црвенковски и крунисување на Зоран Заев во нов челник на СДСМ.

И покрај ваквата убедлива победа, Никола Груевски не можеше да биде комплетно среќен и задоволен, од проста причина што ниту со скудни сили и напори не успеа да ја освои локалната самоуправа која ја пикираа како главен трофеј – Центар. Токму тука лежеа и крупни лични и бизнис интереси, па поразот од Андреј Жерновски и даде горчлив вкус на победата на власта и истовремено исфрли искра надеж за тогаш декласираната опозиција.

УВОЗ НА ГЛАСАЧИ

Колку оваа општина била битна за „преродбата“ покажуваа и обидите власта постизборно да го прекрои мнозинството во општинскиот совет и така да му ги врзе рацете на градоначалникот од противничкиот табор. Арна ама, како што открија опозиционерите, не се повтори искуството од претходните избори, кога ВМРО-ДПМНЕ со двајцата советници од НСДП и ЛДП обезбеди превласт во советот, бидејќи овојпат советниците од „помалите“ партии останале имуни на притисоците и понудите за поткуп.

Дека владеачката партија со сите сили, средства и начини се потруди да победи и во централната општина во Скопје, покажаа и „бомбите“ кои открија како на денот на изборите се правел притисок врз општинската администрација да гласа во корист на кандидатот на власта Владимир Тодоровиќ, како се исклучувале лифтови на висококатници за физички да се отсечат дел од „неподобните“ од гласачките места. Но, јавноста разбра и како имало обид да се отвори избирачкиот материјал, со цел да се види кои гласачи може да бидат предмет на обработка за следниот изборен круг и при прегласувањето.

Истовремено, релевантните домашни и меѓународни организации што ги набљудуваа изборите нотираа оти операцијата за изборен фалсификат се готвела многу пред изборниот ден, кога се впишувале неприродно голем број гласачи на една адреса, при што тоа е правено на државни станови, но и на живеалишта на роднини на експонирани јавни функционери. Впрочем, станува збор за Македонци од Албанија, пред се од Пустец, кои, како што неодамна соопштија и од Специјалното јавно обвинителство, во организација на владеачките структури практично биле „увезувани“ за да го променат расположението на гласачкото тело во корист на владеачката партија.

Меѓутоа, освен што се носеле гласачи од странство, исто така, се преселувале и гласачи од една општина во друга во земјава, каде владеачката партија веројатно проценила дека има убедлива поддршка, па нејзината победа не би била загрозена доколку дел од жителите заминат онаму каде опозицијата е фаворит. Од друга страна , пак, индикативно е што не е забележана појава на помасовна преселба во спротивен правец – од општина каде владеачката партија загуби на последните избори во општина каде победи.

ПРЕСЕЛБА ОД КАВАДАРЦИ ВО ЦЕНТАР

Според податоците до кои дојде „Фокус“, жители на неколку градови од Македонија се селеле во општина Центар непосредно пред локалните избори во 2013 година, чиј прв круг се одржа на 24 март, а набргу по оддржувањето на вториот круг на 7 април се вратиле во матичните места. Треба да се има предвид дека во Центар имаше две прегласувања, така што изборите за градоначалник овде конечно завршија на 21 април.

Поточно, гласачите – гости добивале лични карти на адреса во Општина Центар во периодот на почетокот на февруари, додека ги поништувале документите за лична идентификација главно на почетокот на јуни, што е околу еден месец по изборите. Ако се разгледаат матичните броеви на овие луѓе, тогаш воочливо е дека се работи претежно за млади лица на возраст од околу 25 години, иако во помал број има граѓани и на возраст од триесетина години и повеќе. Дополнително, некои од нив имаат исти презимиња, што сугерира дека се во роднинска врска.

Инаку, најголем број од овие гласачи-преселници доаѓаат од Кавадарци, од каде ние имаме податоци дека барем триесетина граѓани дошле на гласање во Центар на изборите за локалната власт пред три години и набргу потоа се вратиле дома. Потоа, следува Свети Николе, со петнаесетина вакви „изборни туристи“ на пат кон Центар, се разбира со повратен билет. На крајот, доаѓа Прилеп и други градови кои важат за вмровски бастиони.

Во поткрепа на тоа, во овие општини ВМРО-ДПМНЕ извојува убедливи победи во неколку изборни циклуси во серија. Што се однесува до споменатите избори за локалната власт, вмровците добија градоначалник во Свети Николе и во Прилеп уште во првиот изборен круг, додека во Кавадарци победија во вториот изборен круг, ама како и да е, станува збор за убедлива победа. Не е ништо поинаку ниту со резултатите за општинските совети.

БРИШЕЊЕ НА СПОРНИТЕ

Неофицијалните информации говорат оти во рамките на Министерството за внатрешни работи во тек е постапка за поништување на личните карти на стотици лица, поради тоа што го добиле документот без претходно да им се издаде неопходното решение за живеалиште. Со други зборови, тие немале реална адреса на живеење, што значи дека немале ниту право на глас. Меѓу нив се наоѓаат гласачите од странство, но и гласачи од државава, кои добивале лична карта со адреса на друга општина, без да купат стан или да склучат договор за закуп, што е предуслов за добивање живеалиште. Секако, ова важи само за оние што се уште не се вратиле назад.

Експертите посочуваат дека процедурата за поништување на документите на овие спорни гласачи е многу сложена и трае предолго. Конкретно, согласно постоечките законски прописи, потребни се околу 20 дена за завршување на постапката на поништување на личната карта и живеалиштето, ама доколку граѓанинот потоа поведе управен спор, процедурата може да се пролонгира и на повеќе од една година. Тоа значи дека тие се уште ќе фигурираат во избирачкиот список и за претстојните парламентарни избори закажани за 5 јуни, под претпоставка дека нема повторно да се одложат.

Што опфаќа оваа постапка? Доколку МВР утврди дека постојат незаконитости при пријавувањето живеалиште, носи решение за поништување на живеалиштето, а потоа покренува постапка за поништување на личната карта, при што во рок од 7 дена треба да го достави решението до странката. Ако не успее да изврши лична достава, МВР прави достава по пошта и се остава рок од седум дена за одговор, па ако живеалиштето на граѓанинот е непознато, се огласува во два последователни броја од еден дневен весник и во Службен весник. Така се смета дека граѓанинот е уредно известен.

Понатаму, доколку граѓанинот не биде пронајден, МВР е должно да му додели законски застапник на кого му го доставува решението по што тече рокот за жалба од 15 дена. Ако не е поднесена жалба, МВР го прогласува решението за конечно и извршно, но ако граѓанинот е пронајден, тој има рок од 15 дена да поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, која, пак, има рок од 60 дена да одлучи по жалбата. На крајот, граѓанинот има право во рок од 30 дена да поднесе тужба против одлуката на Комисијата пред Управниот суд, а по пресудата има право на жалба и до Вишиот управен суд.

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ

Сепак, законската регулатива не предвидела рокови во кој граѓанинот има право да се жали од одлуката на судот, ниту рок во кој повисокиот суд мора да одлучи. Оттука, невладината МОСТ предложи измена на четири закони кои ја тангираат оваа материја (за лична карта, за живеалиште и престојувалиште, за општа управна постапка и за управните спорови), со што процедурата за бришење на сомнителните гласачи од избирачкиот список би се намалила на околу 70 дена, без тука да биде вкалкулирано времето кое претходно ќе и биде потребно на полицијата да ги изврши административните и теренските проверки на овие гласачи за да констатира дали може да се покрене постапка за поништување на живеалиштето и личната карта.

Всушност, од оваа организација посочуваат дека системска слабост претставува фактот што овие закони не дефинираат јасни и строги правила за проверка на живеалиштето, за поништување на личната карта, како и за жалбената постапка на странката, која, како што сега стојат работите, може да трае до недоглед. Затоа од таму предлагаат можност полицијата да ги утврдува податоците за пријавување живеалиште за време на постапката и по неа, но, имајќи ги предвид кусите изборни рокови, полицијата да може да ги поништува личните карти уште во текот на жалбениот рок. Во такви околности, личната карта е неважечка во рок од три дена, без разлика дали е предадена на надлежен орган, или не.

Плус, се предвидува упростување на постапката за известување на граѓаните со засилени обиди за достава на решението, по што странката се смета дека е уредно известена, макар и да тврди дека не го примила. Исто така, на овој начин би се скратиле и роковите на жалбената постапка, бидејќи тужба до управниот суд против управниот акт од надлежната државна комисија мора да се поднесе во рок од три дена, додека пресудата ќе се носи во рок од 7 дена од доставувањето на тужбата. Буквално истите рокови важат и за жалбата против пресудата до Вишиот управен суд.

Сето тоа драстично би ја поедноставило процедурата за бришење на спорните гласачи, меѓу кои се увезените гласачи од странство, но и преселниците од една во друга општина во рамките на државата. Освен што се работи за класична изборна измама, ова претставува и криминал од поголеми размери, со оглед дека овие гласачи добивале лични карти надвор од пропишаната процедура. Тоа оди само во прилог на впечатокот дека не се работи за случајност, туку за вешто смислена изборна измама.

Андреј Жерновски, градоначалник на Центар

ВЛАСТА ГО САКАШЕ ЦЕНТАР ПО СЕКОЈА ЦЕНА ПОРАДИ КРИМИНАЛОТ СО „СКОПЈЕ 2014“

Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, презентирајќи го сетот прислушувани разговори меѓу прваците на власта кои открија валкани игри во битката за Центар на изборите пред 3 години, истакна дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ вршела силни притисоци врз гласачите а подоцна и врз советниците во општината.

„Човечињата за рака“ од Пустец, сите ние ги видовме, тие се најдоа и во Извештајот на ОБСЕ, ама последно и слушнавме, и тоа лично од Груевски и неговите соработници, колку важна улога имале овие донесени според нив „човечиња“ во општина Центар, која и на Груевски и на Мијалков и на целиот нивен тим им била најсветото нешто што може и мора да се добие, поради проектот Скопје 2014 тежок над половина милијарда евра – рече тогаш Жерновски на прес конференција.

Тој додаде дека еден од разговорите открива како на опозициски советник од „помал“ коалициски партнер му бил нуден поткуп во вид на легализација на дивоградба. Но тој, за среќа, не подлегнал на искушението.

Правец од преселба

САМО ОД СИГУРНИ КОН РИЗИЧНИ ОПШТИНИ

Во Кавадарци, Свети Николе и во другите општини чии жители непосредно пред изборите добивале лични карти со адреса од друга општина, за по изборите веднаш да се вратат во матичното место, ВМРО-ДПМНЕ извојува убедливи победи, покажуваат официјалните резултати од Државната изборна комисија, што само го зголемуваат сомнежот дека се е смислена операција.

ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалник во Кавадарци во вториот изборен круг, освојувајќи 56 отсто од гласовите, односно 13.084 гласови, наспроти опозицискиот кандидат кој доби 41 отсто од гласовите или 9.488 гласови. Владејачката партија освои убедливо мнозинство во општинскиот совет, како производ на 9.330 гласови, што е за 3.408 гласови повеќе од оние 6.922 на опозицијата што гравитираше околу СДСМ.

Во Свети Николе и Прилеп, пак, најголемата владејачка партија освои градоначалник уште во првиот изборен круг, поради тоа што нивниот кандидат ги освои гласовите на над половина од регистрираните избирачи. Поточно, нејзиниот кандидат во Свети Николе освои 60 отсто од гласовите, додека опозицијата само 23 отсто. Во Прилеп, пак, владеачкиот кандидат освои 58, а опозицискиот 38 отсто од гласовите. Ништо поразлично не е ниту во гласањето за општинските совети.

Интересно е тоа што не се забележува појава на помасовна преселба на граѓани од ниту една општина каде владеачката партија тесно победи или загуби на последните избори, како на пример од Струмица, каде што победи опозицијата, или, пак, од Битола, каде што власта победи потешко од очекуваното.

Поврзани новости