Жител на струшко Велешта обвинет за производство и дистрибуција на детска порнографија

by Fokus

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга, откако спроведе истражна постапка, донесе одлука и поднесе Обвинителен акт против 38-годишник од селото Велешта за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија според член 193-а став 1 и став 2 во врска со став 3 од Кривичниот законик.

Обвинет е за продолжено извршување на кривичното дело, бидејќи во периодот од ноември лани до мај годинава пренесувал, нудел и на друг начин правел достапна детска порнографија преку компјутерски систем.

На своите два мобилни телефони, преку инсталираните апликации за комуникација – Сигнал, Вајбер, Енигма, Телеграм и други, обвинетиот се приклучувал во затворени групи во кои членувале лица од повеќе земји во светот. Во групите чии имиња сами по себе упатувале дека се наменети за ширење на детска порнографија, но и во директна комуникација со приватни профили, обвинетиот споделувал, испраќал и примал фотографии и видео материјали кои очигледно прикажувале полови дејствија со малолетни лица или со лица кои изгледале како малолетници. Видеа и фотографии кои прикажуваат детска порнографија поседувал и во мобилните телефони и тие биле пронајдени кога телефоните му биле одземени при извршениот претрес.

Јавниот обвинител до Основниот суд во Струга достави и посебен предлог со кој побара на обвинетиот да му биде продолжена определената мерка притвор, како и да му бидат одземени мобилните телефони како средство употребено за извршување на кривичното дело.

Поврзани новости