Жител на Форино пријавил дека мечка му дошла на имотот

by fokus

Граѓанин од гостиварското село Форино вчера доцна попладне на 112 пријавил дека мечка му дошла на имотот кај шталата, како и дека се движела околу шталата во моментот на пријавување.

Веднаш била известена Полициската станица – Гостивар чија екипа излегла на местото на настанот.

Случајот бил внимателно истражен по што е известено дека животното нема направено штета во шталата и на оградата околу куќата, но видно забележани биле траги од мечката.

Паралелно со известувањето за мечката во гостиварската полиција, Регионалниот ЦУК – Тетово ги известил Општина Гостивар и Инспекторат за животна средина за преземање натамошни мерки во нивна надлежност.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2 175 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, од кои „реални“ биле 38,34 отсто, а 61,66 процент се однесувале на други потреби на граѓаните што не биле итни.

Од реалните повици, како што наведува ЦУК, кон полицијата биле упатени 71,86 отсто, кон итната медицинска помош 21,67, кон пожарникарите 4,18, а кон АМСМ 0,38 отсто.

ЦУК воедно апелирал да се одржуваат и чистат локалните канали за одводнување и да не се фрлаат отпадоци во нив со оглед дека според најавите на УХМР, во наредниот неколкудневен период на повеќе места времето ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни и поројни проследени со грмежи.

Поврзани новости