Жирафата Флопи која вчера угина во Скопје ЗОО, а веста денес кратко ја потврдија од установата, е од видот Ротшилд, најзагрозени животни на планетата, од кои има околу 1.600 единки.
– Единствени места каде што живеат во дивината се Кенија и Уганда. Ротшилд жирафите се уникатни по тоа што единствени имаат 5 рогови и долниот дел на нозете им е само со бела боја. Останати се околу 1.600 единки од овој вид во природата. Флопи е еден од нив – гордо истакнуваа од Скопје ЗОО уште пред неколку години.
Околу грижата за овој редок вид на животни во светот, сведочеше и настанот од пред две годни, кога три Ротшилд жирафи кои живееле во природа во Кенија, угинаа од струен удар откако допреле ниско поставени далноводи.
За случајот известија сите светски медиуми, и од кениската служба за заштита на природата, но и од кениските електроцентрали веднаш потврдија дека ќе се заменат сите столбови, така да жиците бидат на доволна висина за жирафите да поминуваат безбедно под нив.
По смртта на Флопи, која имаше околу десет години, од ЗОО Скопје денес информираа дека законските процедури биле запазени и биле во тек, а штом се добиеле резултатите од обдукцијата, ќе била известена јавноста.
И пржевалските коњи кои беа отруени со разорен отров во ЗОО Скопје беа од најретките видови на животни, но до денес не се дозна кој е сторителот и кој бил мотивот за грозоморното дело.
Вики Клинчарова