Жика Стојановски ќе се кандидира како независен кандидат за градоначалник

by fokus

Градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски ќе се кандидира како независен кандидат за градоначалник на општината откако партијата којашто досега го кандидираше, ВМРО-ДПМНЕ, денеска излезе со ново име за прв човек на оваа општина.

Стојановски за „Фокус“ потврди дека планира да биде независен кандидат и дека, како што е предвидено според процедурата, во периодот од 16 до 30 август ќе ги собере потребните потписи.

Неговата матична партија денеска излезе со нов кандидат за оваа општина, Александар Георгиевски кој не е познат за пошироката јавност. Стојановски се решил на ваков чекор бидејќи, како што вели, чувствува морална обврска да се кандидира со оглед на големата поддршка што ја имал и од граѓаните, но и бизнис заедницата.

Индиректно за новиот кандидат вели дека секако требаат млади и нови личности, но според него, на општината и требаат сериозни и зрели луѓе. -Сепак главниот избор го имаат граѓааните, вели Стојановски кој е уверен дека потребните потписи ќе ги собере за еден ден.

Стојановски е на чело на општината четири мандати, а сега ќе ја бара довербата по петти пат. Инаку Стојановски беше дел од Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со поранешните функционери на партијата Ивица Коневски, Филип Петровски, Петре Латиновски, Борче Стамов, кои бараа ново раководство на опозициската партија.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости