Во Грција денеска почна 24-часовен штрајк на вработените во транспортот, бизнисот и училиштата, а се очекуваат масовни протести во целата земја на втората годишнина од железничката несреќа во Темпи, во која загинаа 57 лица.
Грчката полиција употреби солзавец врз демонстрантите, кои пак фрлаа „молотови коктели“.
Десетици илјади луѓе се собраа во центарот на Атина за да побараат правда, објави „Прототема“. Демонстрантите носеа црни балони и транспаренти со пароли: „Вие броите добивки. Ние броиме животи“.
Сите меѓународни и домашни летови беа суспендирани бидејќи контролорите на летање им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и на наставниците во 24-часовниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата.
Бизнисите се затворени, театрите ги откажаа претставите, а илјадници луѓе се очекува да излезат на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, како и во други градови, под силен полициски надзор.
ГСЕЕ, најголемиот синдикат на приватниот сектор, соопшти дека повикал на штрајкот „конечно да се спроведе владеењето на правото за да нема прикривање и одговорните да бидат казнети“, пренесува „Ројтерс“.
Истрагата за несреќата сè уште е во тек и никој не е осуден, а владата на премиерот Киријакос Мицотакис ја отфрла одговорноста одбивајќи да побара парламентарна истрага за политичка одговорност.