Европските пратеници на вонредната расправа на пленарната сесија за отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија, остро го осудија француското вето на самитот на ЕУ на 18 октомври 2019 и побараа грешката да се исправи во најкус можен рок. Дискусиите во кои зедоа збор на 40 членови на Европскиот парламент денеска треба да се преточат во заедничка резолуција, за која ќе гласа околу пладне, јавува дописникот на МИА.
Северна Македонија уште еднаш доби поддршка од најголемите политички групи во Европскиот парламент за почеток на преговорите со ЕУ. Повеќе европпратеници остро го критикуваа ветото на Франција на самитот на ЕУ минатата недела и побараа итна промена на одлуката.
Финската министерка за надворешни работи Тути Тупураинен во својство на претседавач со ЕУ, рече дека е длабоко разочарана што минатата недела не беше постигната согласност во Европскиот совет.
– Тоа е назадување за улогата на ЕУ на Западниот Балкан и за проширувањето како стратешка инвестиција во мирот и стабилноста, рече финската министерка.
Таа притоа нагласи дека сега се потребни повеќе напори, но „нема да запреме”.
-Ние сме подготвени сме повторно да се вратиме на прашањето. Многу е важно двете земји да продолжат со реформи, затоа што истото ги очекуваат и граѓаните, рече Тупураинен.
Како и повеќето други учесници во дебатата, во повеќе наврати беше наведен Договорот од Преспа како историско постигнување и беше изразено признание на владата во Скопје за постигнатото.
Комесарот за проширување во заминување Јоханес Хан ја повтори критиката дека лидерите на ЕУ не успеале да си го исполнат даденото ветување.
– Да не заборавиме дека постои едногласно мислење дека на Западниот Балкан му треба повеќе храброст за чекор како Преспанскиот договор. Каде е нашата посветеност и поддршка за оние кои преземаат храбри чекори. Членките на ЕУ сега треба да разјаснат колку е сериозна нивната намера кон овие земји, рече Хан.
Најави дека Европската комисија ќе продолжи да ги поддржува Северна Македонија и Албанија „на сите начини“ и изрази надеж дека самитот во Загреб ќе има позитивен исход.
–Не си играјте со Северна Македонија и Албанија. Двете земји постигнаа впечатливи реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Преспанскиот договор беше извонредно постигнување за надминување на проблемите од минатото, и истото важи за договорот на Северна Македонија и Бугарија. Граѓаните се длабоко разочарани, но не смеат да се откажат од надежта, порача Јоханес Хан.
Кати Пири од редовите на Социјладемократите зборуваше за големото значење на Преспанскиот договор, наведувајќи го како пример за голема политичка храброст.
– Но, токму таа храброст ја немаа европските лидери, поточно Макрон, тој не покажа лидерство и политичка храброст. Овој неуспех го нарушува имиџот на ЕУ на Западниот Балкан, рече Пири додавајќи дека одлука на самитот во Загреб ќе биде „премалку и предоцна“.
Тоа испраќа ужасен геополитички сигнал кој е спротивен на интересите на ЕУ. Не можеме да чекаме до самитот во Загреб, мораме веднаш да реагираме, порача бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од групата на Европската народна партија, кој ја осуди одлуката на Европскиот совет, но и се пожали на бавната имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Европратеникот на Зелените Рајнхард Бутикофер оцени дека одлуката е кусогледа и му понуди излезно решение на францускиот претседател.
–Господине Макрон вие сте осамени, но Европскиот парламент сака да изгради мост кон вас. Треба да знаете дека ќе помогнеме во реформата на преговарачкиот процес, но ве молам исправете ја грешката која ја направивте да ги оставите Северна Македонија и Албанија надвор, додека се реформираме внатре, рече Бутикофер.
Грчката европратеничка Марија Спираки од владејачката Нова демократија изрази поддршка за европската перспектива на двете земји, потенцирајќи го Преспанскиот договор како позитивен пример.
Сепак, францускиот претседател Емануел Макрон имаше и сојузници во Европскиот парламент кои ја поддржаа неговата одлука, но таа поддршка дојде само од неколку француски пратеници, Жордан Барела, Доминик Билд и Стефан Сежурне од неговата партија Републиката во движење, членови на групата Обнова на Европа.
Макрон исто така беше поддржан од од радикалната десница и популистичките партии како германската АФД и италијанската Северна лига, против чии „сестрински“ партии сака да се бори во Франција .
–Ние сме тука да ги штитиме интересите на Франција. Ние сакаме да ги заштитиме идентитетот и нашата демократија. Зошто сакате да внесете земја како Албанија, чии мафијашки организации се веќе во нашата земја, се запраша Жордан Барела.
Пратеникот од германската АФД, Ларс Патрик Берг исто така ја поддржа одлуката на Макрон, предупредувајќи дека, според анкетите, најголемиот дел од граѓаните на Албанија и Северна Македонија сакаат да ги напуштат своите земји. Тој е на мислење дека наместо европска перспектива на двете земји треба да им се даде„некаква прагматична помош и поддршка на долг рок”.
Европратеничката Доминик Билд оцени дека во Албанија „живеат многу муслимански екстремисти“, и нагласи дека во Северна Македонија „немало ни доволна излезност на референдумот за Преспанскиот договор“.
– Во БиХ, Албанија и Косово мнозинското население се муслимани, додека во Македонија нивната бројка изнесува речиси 30 проценти, нагласи Ана Бонфриско од италијанската Северна лига. Таа предупреди дека „на такви земји не им е местото во ЕУ“ при што и побара да им се понудат алтернативи.
За резолуцијата, со која се искажува длабоко жалење поради блокадата на почетокот на преговорите со Севрна Македонија и Албанија на самитот на ЕУ и од новата Европска комисија се бара веднаш да се зафати со темата за проширувањето, пратениците во Европскиот парламент ќе гласаат денеска напладне. Резолуцијата на Европскиот парламент не е обврзувачка. Европратениците и во претходните состави ја поддржаа позицијата на Европската комисија и секогаш бараа отворање на преговорите со Северна Македонија. МИА