Целата процедура со оспорување на уставноста на Законот за помилување оди експресно. Извори на „Фокус“ пренесуваат дека иницијативата за оценување на уставноста на измените во законот во 2009-тата стигнала во судот пред 10-тина дена. Рекордно брзо била поставена на дневен ред. Зачудувачки е дека Собранието и Владата дале свое мислење, како што налага процедурата, но координирано оцениле дека измените во законот се добри и напишале негативен став во однос на иницијативата, односно потврдиле дека претседателот на државата не треба да помилува лица кои сториле кривични дела поврзани со изборите.
Но, со оглед дека мислењата на Собранието и Владата не се обврзувачки за судот, извори за „Фокус“ коментираат дека таквиот став на двете институции под контрола на ВМРО ДПМНЕ, е намерно испратен до Уставен за да покажат наводна принципиелност и доследност, иако зад тоа се крие манипулација. Со оглед дека оваа власт ги изгласа измените во Законот за помилување логично е да застане зад нив и да тврди дека Иванов не може да помилува за изборни нерегуларности, иако во суштина зад целата идеја стои власта, која утре ќе каже дека ние не бевме ЗА, туку тоа го стори Уставниот суд. Интересно е што двете институции во рок од 24 часа дале мислење, што е исто така незапаметено во историјата на судот во однос на брзината. Но, кога мора да се пресретнат обвиненијата на Катица Јанева и тоа е можно. Оваа брза комуникација меѓу Уставен и Владата и Собранието најверојатно одела на рака. Оти за 24 часа, поштата, која важи за официјална комуникација, не можела ни пола од патот да изоди за толку кратко време.
Дополнително, нашите извори коментираат дека власта преку одредени уставни судии, кои ги третира како свои поданици, веќе има разработено шема како Законот за помилување да го прогласи за неуставен, и тоа токму сега, по шест години од изгласувањето на измените кои го третираат криминалот со избори. Неслучајно е избран судијата Никола Ивановски да биде назначен за известител.
Друго прашање кое оваа иницијатива пред Уставен ја прави правно неиздржана е самата содржина. Имено, предлагачот тврди дека судот мора да поведе постапка за испитување на уставноста на Законот за помилување затоа што со законот се овозможувало мешање на законодавната во извршната власт или тоа значи дека парламентот со изгласаните измени му се мешал на претседателот Иванов во ингеренциите. А тоа, според предлагачот, значело повреда на начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Во иницијативата се наведува дека Собранието не смеело тоа да го прави оти Иванов имал легитимитет директно од граѓаните.
Ако ваквата иницијатива помине на Уставен тогаш судиите ќе демонстрираат тотално непознавање на правната материја, но ако се знае дека власта успеа да постави свои судии во судот, тогаш е очекувано како ќе се одвива целата конструкција. Имено, токму во Уставот е предвидено дека претседателот врши помилување согласно закон. Значи се мисли на Законот за помилување, или на закон кој ќе го изгласа парлементот како законодавен дом, а Иванов треба само да се придржува на него.
Во превод, иницијативата која утре е на дневен ред сака да покаже дека тој што носи закон (парламентот) му се меша на тој што треба да постапува според тој закон (претседателот). Тука има голема правна нелогичност оти како Иванов ќе помилува ако нема закон за таквата ингеренција. Исто така, тезата дека легитимитетот на претседателот произлегува од граѓаните воопшто не значи дека Иванов може да помилува кого сака без одредени критериуми. Значи дека правото подразбира правила кои може да ги пропише само законодавецот, а тоа никако не значи субјективна волја, во случајов на Иванов.
Нашите извори потсетуваат дека постои иницијатива за оценување на уставноста на Специјалното јавно обвинителство која чека да биде ставена на дневен ред, но тоа ќе биде направено тогаш кога на мнозинството судии, контролирани од власта, ќе им се наложи. Но тоа најверојатно ќе биде само доколку не им помине оваа идеја со помилувањето.
Иако се уште не се открива предлагачот, сепак јасно е кој стои зад ова и како иницијативата се поклопува со истрагата на Јанева против функционерите на ВМРО ДПМНЕ, Јанкуловска, Јанакиевски, Божиновски и други. Иако Груевски се уште не е опфатен со истрагата за изборните нерегуларности, тој сепак сака да ги заштити своите соработници. Ако ништо друго, за и понатаму да ги има за послушници, кои во иднина нема да го изневерат и да ја префрлат одговорноста кон него.
Утре се очекува жестока дебата во Уставниот суд, иако однапред се знае каде превагнува мнозинството.