Трпиме навреди од Бугарија, од наша страна нема никаков одговор, дозволивте со знаење на Минстерството за надворешни работи, министерството за внатрешни работи и Министерството за култура да биде отворен културен центар со име на фашистот Ванчо Михајлов во присуство на бугарскиот државен врв, а власта молчи.
Ова беа само дел од обвинувањата на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи кон премиерот Димитар Ковачевски од кого побара да си поднесе оставка, да се распишат предвремени парламентарни избори бидејќи не може да ја води државата.
-Ниту сте премиер на минстрите на ДУИ, дајте си оставка додека не сме добиле Здравствен дом со име Менгеле, порача Мизрахи.
Ковачевски пак и врати дека поседува фотографии од тоа кои луѓе биле на отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола и дека ВМРО-ДПМНЕ е партија наследник на фашистичкиот колаборационист.
Тој кажа дека бил разочаран и вознемирен кога се отворал културниот центар во Битола со името на како што рече, фашистот Ванчо Михајлов.
-Во исто време не се согласувам и сум многу разочаран што Бугарија одлучи да именува центар со име „Ванчо Михајлов“, Ова лице е поврзано со директна соработка со нацистички и фашистички режим. Огромна штета му направил на македонскиот народ, со ликвидација на македонски револуционери и депортации во логорите на смртта, рече премиерот.
Но, Ковачевски и порача дека токму ВМРО-ДПМНЕ е наследник на Михајлов.
-Многу бев вознемирен и кога неговата восочна фигура беше ставена во музејот на Ново Село од Никола Груевски. Мојот став е ист кога беше ставена неговата фигура во Скопје. Не знам дали го имате само на сликите во вашата Бела Палата. Но знам дека ВМРО-ДПМНЕ од своите почетоци е наследник на Ванчо Михајлов.
Водач на ВМРО-ДПМНЕ во 20тите години од минатиот век, а вие тоа го прифаќате. Видете ги сликите во Белиот дворец, прашајте ги вашите ветерани и тие ќе ви кажат дека го слават Ванчи Михајлов.
Имам слики кој се е на отворањето на клубот, ќе му ги поделам на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски.
Тој додаде дека планира да го информира бугарскиот премиер Кирил Петков дека Владата има намера оваа година да отвори нов центар во Благоевград, а името ќе се определи во координација со нашиот Институт за историја
-Сосема е во ред било која држава која има граѓани кои се самоопределуваат да отвори културен центар во нашата држава, како што и ние отворивме културен центар во Софија. Како што Бугарија долги години има културен центар во Скопје.