Жешка есен

by lali

Се насмеав до солзи кога прочитав како Груевски изјавил дека приоритети за новата влада се економијата и евроинтеграциите. Ми се чини, колку сме подалеку од НАТО и од ЕУ, и колку живееме сѐ полошо и полошо, власта сѐ погласно и погласно „вергла“ како работи за подобра економија и за евроатлантски интеграции.

Да беше само до декларативните заложби, одамна ќе живеевме многу подобро, но, сепак, до тоа може да дојде само како резултат на способност и на политичка волја. А, ако судиме според способноста, но и според намерите на власта, тогаш црно ни се пишува.

Да имаше власта желба за влез во ЕУ и во НАТО, немаше од Македонија да направи земја на политички затвореници, медиумски мрак, партизирано судство, удвоена администрација и држава во која е проблематично владеењето на правото.

МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ, ЦРНИ ПАРИ, СЕ ИЗНЕСЕНИ ОД ДРЖАВАВА!

Да имаше власта способност за економски реформи, немаше да дозволи македонските граѓани да ги примаат најмалите просечни плати и најмалите минимални плати во регионот. Да, од „реформаторите ни вредни“, просечната и минималната плата во Македонија е помала од онаа во Грција, Бугарија, Албанија, Србија, БиХ, Хрватска, Унгарија, Романија…

Да беа способни економски реформатори, немаше да дозволат Македонија да биде меѓу првите три земји во Европа по младинска невработеност. Немаше да дозволат олкаво иселување (кое, се чини, од ден на ден се зголемува) од државата. Па, тие не се способни ниту попис да направат. Толку за владината способност и политичка волја.

Посебно, само за политичката волја и намерите на власта, ќе продолжиме кога ќе се појават релевантни извештаи за тоа колку милијарди долари, црни пари, се изнесени од државава за време на груевизмот!

Можат да стават 101 министер без ресор, задолжени да носат инвестиции, тие можат да им ветуваат на инвеститорите дека нашите работници ќе им работат за 8.000 денари по 12 часа, седум дена во неделата. Можат да го намалат данокот колку што  сакаат, можат да ги зголемат и субвенциите за придонесите за вработените. Можат и да го удвојат рекламирањето на државата како инвестициски рај, ама сериозен бран на инвестиции нема да има!

Нема да има од проста причина зашто никој сериозен не сака да ги донесе парите и да инвестира во несериозна и во небезбедна држава. За жал, Македонија денес ниту е сериозна, ниту е безбедна држава, единствено поради груевизмот, кој ја има поклопено сиве години наназад.

Една од најважните алки за безбедна држава е членството во НАТО, додека, пак, една од најважните алки за сериозна демократска држава е добивањето датум за преговори. Државава нема да влезе во НАТО поради спорот за името, а до крајот на годинава најверојатно ќе ни биде одземена и препораката за почеток на преговорите со ЕУ поради сериозните дупки во демократските процеси во државата.

„ПЛОДОВИ“ НА ЕСЕНТА: ГУБЕЊЕ НА ПРЕПОРАКАТА ОД ЕУ И УШТЕ ЕДНА „КОРПА“ ОД НАТО

Со други зборови, тоа значи дека до крајот на годината државата ќе влезе во дополнителна политичка криза. А дополнителната политичка криза, дополнително негативно ќе влијае и врз сериозноста на државата, па и на безбедноста. Дополнително влошената политичка ситуација ќе биде уште еден од факторите кои ќе ги одвраќаат сериозните инвеститори од Македонија. Ниту ќе видиме ЕУ и НАТО, ниту ќе видиме подобра економија.

Затоа, почитувани, може Груевски на хартија (која трпи сѐ) да пише дека приоритети ќе му бидат економијата и евроатлантските интеграции, но тоа нема да помогне ако не почне радикално да ретерира од своите (не)дела. Што, да бидам искрен, не верувам дека ќе се случи.

Летово ќе помине со приказната за подобра економија и евроатлантски интеграции, но септември брзо ќе дојде. Во септември уште еднаш ќе се соочиме со неспособноста и со немањето политичка волја на власта да ги решава проблемите.

Сепак, овој септември, за разлика од другите, ќе донесе жешка политичка есен за режимската власт. Оваа есен на виделина ќе ни ги донесе „плодовите“ од лошото владеење. Опозиција надвор од Собранието и нарушен политички дијалог, губење на препораката за преговори со ЕУ и уште една „корпа“ од НАТО.

Комбинацијата од овие два проблема лесно ќе може да се префрли на тензичните проблеми во меѓуетничките односи, кои властите ги користеа за дефокусирање од социјалните проблеми. Оттаму, хартијата на владината програма, сосе декларираните приоритети, можеме да ја употребиме како тоалетна хартија. Македонија влегува во максимално неизвесен период, во кој приоритет ќе треба да биде да се зачуваат стабилноста и евроатлантските перспективи.

Поврзани новости