Под мототo „Помирување меѓу човештвото и планетата: Перспективи во франкофонскиот простор, во пресрет на 50 години од постоењето на Организацијата на франкофонијата“ во Монако се одржува 36-тата министерска Конференција на Меѓународната организација на Франкофонијата, на која учествува заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски.
Во своето денешно обраќање, Жерновски, како што соопштија од неговиот кабинет, ја реафирмирал улогата на Република Северна Македонија како активен член на оваа организација.
„Како дел од франкофонското семејство, континуирано ги афирмираме вредностите на македонското општество-демократијата, мултиетничноста, толеранцијата и солидарноста”, изјавил Жерновски.
Во врска со патот кон полноправното членство во ЕУ, тој ја искористил говорницата во Монако за да упати апел до Франција и до останатите земји членки на ЕУ, кои се дел и од франкофонското семејство.
„Ние ги разбираме позициите на Франција во однос на ЕУ и нејзиното проширување и не бегаме од новата методологија која се најавува. Напротив, го поддржуваме секој нов процес што ќе придонесе за поефективна трансформација на нашето општество, но европската перспектива на Република Северна Македонија не смее да биде доведена во прашање“, порачал Жерновски.
Тој исто така нагласил дека сторената грешка со недоделувањето датум за преговори на нашата земја за членство во ЕУ, грешка што е нотирана и во последната Резолуција на Европскиот парламент, треба да се коригира во интерес на стабилноста на регионот и на цела Европа.
„Мојата земја мора да ги започне преговорите со ЕУ, како сигнал за продолжување на реформите за кои токму Франција се залага. Од секој аспект, Република Северна Макединија и географски, и културно, и историски е интегрален дел на Европа и доколку сакаме да зборуваме за силна, мирна и просперитетна Европа, нашата и земјите од регионот треба да бидат дел од ЕУ“, порачал Жерновски.
На маргините на Конференцијата, тој имал билатерални средби со министрите за надворешни работи на Монако, Луксембург, Белгија, Малта, Босна и Херцеговина.
На годинешната Конференција на Франкфонијата учествуваат министри и претставници на држави и влади на 88 земји од сите континенти во кои се говори и користи францускиот јазик.