Жерновски-Радман: Северна Македонија, приоритет за хрватското претседателство

by fokus

Заменикот министер за надворешни работи Андреј Жерновски, учествуваше на Четвртиот состанок на министрите за надворешни работи на Јадранската Трилатерала – Хрватска, Албанија и Црна Гора, кој се одржа во Задар, Република Хрватска.

Како што соопшти МНР, главни теми на состанокот беа проширувањето на Европската унија во пресрет на претседавањето на Хрватска со Советот на Европската унија во првата половина од 2020 година, соработката во рамките на НАТО, а беа разменети мислења и за актуелните прашања и предизвици во регионот.

На маргините на состанокот, заменикот министер Жерновски оствари билатерална средба со својот хрватски домаќин, министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман, на која беа потврдени одличните пријателски односи на Република Северна Македонија со Република Хрватска, а силно беше реафирмирана и европската перспектива на нашата земја.

-Очекуваме одлука за започнување на пристапните преговори со Северна Македонија и завршување на постапката на зачленувањето во НАТО за време на нашето претседателство со ЕУ, истакна хрватскиот министер Радман.

Жерновски потенцираше дека Северна Македонија созрева преку својата битка.

-Ние ги насочуваме нашите напори кон иднината. Очекуваме позитивни вести за време на хрватското претседателство како валоризација на досега сработеното, рече Жерновски.

Поврзани новости