„Нема да молчиме“, „Охрид нема да молчи“ извикуваа граѓаните кои денеска излегоа на протест во Охрид против насилството врз жените, барајќи одговорност од институциите и поголема заштита на жртвите.
Протестот е за подршка на 26-годишна Сара Ѓорѓиеска која нејзиното момче Кристијан Корабоски на 15 ноември ја претепа до бесознание и ја остави на улица во Охрид.
-Одговорноста не завршува со пријавување на насилството, одговорноста продолжува во секоја институција што треба да постапи, да истражи и да обезбеди правда. И токму затоа нема да молчиме и ние – рече еден од говорниците присутен на протестот.
Таткото на Сара, со нејзина фотографија на која ѝ се гледаат модрици по лицето, се приклучи на протест против насилството врз жените и фемицид.
-Ова е ќерка ми Сара. Ниту еден родител да не го види вакво своето дете и да не го доживее тоа што ни се случи на нас – рече тој.
Граѓаните го изразуваат својот револт поради случаите на насилство кои ја потресоа македонската јавност и бараат поголема заштита на жртвите, навремено постапување на институциите и строги санкции за сторителите.
Фото и видео: Охрид1