Бети Ангеловска, мајка на претепаната девојка од Битола која вчера учествуваше на протестот пред зградата на Владата во Скопје, во организација на „Ниту една повеќе“ синоќа била повикана во полициска станица во Битола.
Ангеловска за „Слободен печат“ изјави дека синоќа во 21:30 часот била повикана во полициска станица во Битола по пријава на родителите на насилникот за загрозување на сигурноста.
Ангеловска вчера на протестот побара од полицијата да ги заштити децата кои се жртви на насилство, и праша зошто насилникот добил само осум дена притвор за девојче кое го тепал повеќе од една година. Обраќајќи се пред учесниците на собирот, таа меѓу другото рече: „Ако не се преземе нешто, јас ќе ја земам правдата во свои раце“, што веројатно било повод за пријавата и причина за повикот од полицијата.
„Го молам министерот, го молам јавното обвинителство: телефоните се земени на вештачење, во нив има снимки, видеа, материјали на кои се гледа дека цела е претепана. Ако не се преземе нешто, јас ќе ја земам правдата во свои раце. Ме лазат морници при самата помисла на тие слики од моето девојче. Јас ја израснав сама 21 година, нема да дозволам никој да ми го уништи девојчето“, рече Ангеловска.
Таа најави дека ќе продолжи да бара одговорност за случајот, а истовремено упати силна порака до сите жени и девојки кои се соочуваат со насилство да не молчат и да побараат заштита.