Реалноста од Кардиф зборува дека во текот на сесиите Македонија била повеќе пати опоменувана дека не ги исполнува обврските кон Алијансата, информираше денеска претседателот на ЛДП, Андреј Жерновски за последниот НАТО-самит во Велс, Велика Британија.
– Македонија била опоменувана во делот на неискористување на НАТО наменските фондови за професионално унапредување на одбранбените и административните капацитети, за ненавремено подготвување на стандардните документи и извештаи за националните активности во однос на Алијансата, за игнорирање и неучество на НАТО конференции, форуми и други настани и за речиси седум годишен рестриктивен национален буџет за НАТО активностите – обзнани денеска Жерновски.
Според него, во неформалниот дел од Самитот, дури и во Кардиф македонската делегација направила обид да инсталира виртуелна реалност за Македонија и тоа преку скандалозното однесување на нашиот Министер за надворешни работи, Никола Попоски, кој, како што вели Жерновски, освен што не ја знаел ни агендата барал од земјите-членки да формулират лажни заклучоци за Македонија во финалниот документ.
– Иако свесен за стагнацијата на Македонија во интеграцискиот процес и за неисполнетите обврски кон Алијансата, од што веќе било извесно дека за нас ќе има нови услови за полноправно членство, нашиот министер барал во заклучоците да се наведе дека Македонија има напредок во овој процес и инсистирал, спорот со името да биде единствена пречка за нашето полноправно членство во НАТО, за што молел во конечниот документ да остане непроменет заклучокот за приемот на Македонија во НАТО од Букурешт – додаде лидерот на ЛДП.
Жерновски смета дека најстрашното е тоа што со овој заклучок НАТО сега бара решавање на спорот со името во рамки на ООН што ќе значи безбедност и стабилност во регионот, односно решавање на спорот со името не е повеќе единствениот услов за наше полноправно членство на Алијансата!
– Г-дине Груевски, дали знаете дека сте прифатиле, ни помалку ни повеќе туку 113 задачи во Кардиф и дали знаете како тоа ќе го спроведете?! Во кој стратешки документ и како ќе ги внесете заклучоците од Декларацијата, особено во делот на обврските кон Турција, Русија, Кина, Арапски Емирати, Косово, Србија, Палестина и како пак ова ќе им го објасните на САД во однос на Договорот за стратешко партнерство што го потпишавме со нив, веднаш после Букурешт – праша Жерновски.