Мене ми е многу битно да соопштиме дека и да има пратеници кои сметаат дека треба да се вратат во Собранието, не велам дека нема, некои од нив даваат изјави дека се горди што се во Собранието, а беа на листите на коалицијата, тоа не треба да влијае на одлуката на опозициските партии бидејќи не може неколку поединци да ја држат во заложништво целата опозиција, како и целата политичка состојба во Македониј, изјави денеска лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски по средбата со американскиот амбасадор, Пол Волерс.
Жерновски најави дека утре ќе се сретне со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. За средбата со Волерс изјави:
– Јас ја кажав мојата загриженост за стратегијата на Владата која секогаш кога ќе се појави некој проблематичен настан за неа, се апсат судии, не е чудо што во Македонија се појави ебола кога требаше да излезе некој негативен извештај за Владата. По најавите на опозицијата за изнесување на одредени материјали гледам дека се активира, она што е најпроблематично и најчувствително за нас, а тоа се интер-етничките односи. Гледам најави за некакви конфликти. Се надевам дека тоа нема да биде така. Но се плашам дека тоа ќе биде одговор на Владата на она што го подготвува опозицијата. Што ќе направи опозицијата и каков ќе биде одговорот – ќе покаже наредниот период.