Колумната е објавена во неделникот ,,Фокус”, во број 1460, на 27 септември 2023 година.
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Биди дама, велат тие. Здолништето ти е прекратко. Деколтето ти е премногу длабоко. Панталоните ти се премногу тесни. Не покажувај толку кожа. Не покажувајте ги бутовите. Не покажувајте ги градите. Не покажувај го стомакот. Покријте се. Оставете нешто на имагинацијата. Облечете се скромно. Не бидете предизвикувачки. Мажите не можат да се контролираат.
Ова се дел од зборовите што ги изговара познатата актерка Синтија Никсон од „Сексот и градот“, напишани од американската авторка Камила Реинвил.
Оваа кампања, која беше објавена пред неколку години, допре до сето она што ги мачи жените, свесно или несвесно, дури и во 21 век.
Токму во овие архаични стереотипи што ни се сервираат во модерната доба лежат и дел од причините за убиствата на жените, кои по ново се нарекуваат „фемицид“.
Срамот и стравот и глувите институции ѝ пресудија и на четириесет и шестгодишната Танкица од Кочани. Нејзиниот познаник Усеин ја уби со 40 убоди од нож пред семејната куќа. Во период на осаменост во нејзиниот живот, Танкица, која тогаш работела заедно со Усеин, имала контакт со него, а тој направил компромитирачки фотографии и видеа.
Со години ја уценувал, ја малтретирал дека ќе ги објави сликите и видеата ако не му даде пари, за на крај да ја убие. Институциите експресно си ја ишнаа вината, иако жената предупредувала и пријавувала, и во полиција, и во обвинителство.
Полицијата објави дека жената пријавила дека Усеин ја уценувал, а тие постапиле и целиот материјал го предале во обвинителството.
Обвинителството, пак, имало пријава, но потенцираат дека жената не пријавила закана за убиство, туку пријавила дека ја уценувал. Што се случило и со пријавата за уцена, не е познато.
Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, која само пред неколку недели зборуваше на некоја конференција токму за „фемицидот“, воопшто не се почувствува повикана да каже нешто за убиената жена.
Ниту нејзе, ниту на институциите не им е гајле дека жената со години живеела со страв, трпела психичка тортура. Зошто? Затоа што некогаш била со некој Усеин. Собрала храброст да го пријави пред институциите, ама џабе. Тие секако не се надлежни, сѐ додека не те убијат.
Медиумите пренесуваат дека Танкица зборувала дека направила грешка што била со Усеин. И токму оваа „грешка“, нејзе ја чинеше живот. И тука се враќаме на стереотипите и околината, кои се тивки убијци на жените.
Убиената жена била подготвена да направи сѐ само Усеин да не ја усрами и да не објави нешто непристојно за неа. Затоа што таа била свесна дека сите гревови и клетви ќе паднат врз нејзе.
Зашто била „неморална“, зашто во налет на некои чувства направила нешто што ја вади од калапот на жените „домаќинки“, кои се посветени на семејството, сопругот, и ако треба ќе го жртвуваат својот живот само комшиите да ги кажуваат какви домаќинки биле.
Најперверзното во овој модерен свет е глумењето напредност, отвореност, повисоки цивилизациски вредности, рамноправност на жената. Тоа е само привидност, тоа е само лицемерие. Затоа што и сега кога веќе жената е убиена, има коментари „Е па така ѝ требало, што барала со Усеин“.
Жените во овој свет немаат право на „грешки“, тие треба да ги потиснат сите свои чувства, сите свои желби и соништа за да му удоволат на светот. Да им удоволат на мажите, кои мислат дека жените се нивна сопственост.
Кои ја користат нивната ранливост и нивната позиција во општеството за да ги вреѓаат, понижуваат и да бидат угнетувани. Или треба да глумат независни и успешни жени, но во калапот на „патријархатот“.
А кога на жената ќе ѝ пукне филмот од децениско тепање и психичко малтретирање, може да го исечка мажот на парчиња и во затвор да спие како бебе. Како приказната што за „Фокус“ ја раскажа Шефкие Јакупи. Таа по 34 години брак, го искасапи мажот во Дизелдорф.
-Беше 18 декември 2007 година. Станав утрото, а тој не ми даваше корка леб. Ме заклучи во собата од 8 до 14.30 часот. Ме тепаше, а во еден момент додека се туркавме, со секира ме исече на раката. Некако успеав да му ја земам секирата и ја забодев во него, раскажуваше Шефкие.
Новинарката ја праша што чувствувала во тој момент?
-Чувствував олеснување, ослободување… Работата беше дојдена до таму што повеќе не можев да го гледам, гласот не можев повеќе да му го слушам, рече Шефкие, со чувство на горчина и омраза.
Вели дека оттогаш, иако е зад решетки, живее без страв.
–Како бебе спијам, без страв, рече таа.
Овие се ретки приказни што стигнале до јавноста. Илјадници жени живеат во страв, се борат прво со самите себе, со неправедната осуда, а потоа и со околината. За нив сѐ уште важат:
Биди дама, велат тие. Спаси се себеси. Бидете честити. Биди девица. Не зборувај за секс. Не флертувајте. Не биди курва. Не спиј наоколу. Чувајте го вашето достоинство. Не спијте со многу мажи. Не се откажувај. Мажите не сакаат курви.
Затоа и оваа кампања, која сака да ги распарчи на парчиња овие стереотипи, беше толку успешна. Суштината на оваа битка е всушност жените да се изборат да бидат свои, прифатени такви какви што се. Да ја уживаат слободата, која е неприкосновена за секое човечко суштество. Борбата продолжува!