Наместо во Милано, Италија, голем број на Македонки за празникот на жената, Осми Март, ќе заминат во Кипар и во Истанбул, Турција.
Оператори од туристички агенции кои веќе ги откажале аранжманите во Италија поради коронавирусот, велат дека жените се желни за шетање, па голем број од нив веднаш Милано и Венеција ги замениле со Истанбул или Кипар.
Исто така, има голем број на организирани патувања во повеќе градови во соседна Србија.
-Коронавирусот силно се одрази на нашата работа. Дури и за Велигденските патувања нема интерес, иако во годините наназад, неколку месеци пред Велигден се случуваше се да биде распродадено. Луѓето очигледно се плашат. За Осми Март пак, како втора опција се најдоа Истанбул и Кипар и тие патувања ќе бидат реализирани, бидејќи за нив имаше интерес и покрај актуелната состојба – ни изјавија од позната туристичка агенција од Скопје.
Голем број на средношколци уште пред неколку месеци започнаа со исплаќање на ратите за екскурзијата низ Италија.
Така на пример, ученици од трета година од средното училиште ,,Кирил и Методиј” во Неготино, беше планирано да заминат на екскурзија која опфаќаше патување во Верона, Милано, Азурен Брег, Монако, Монте Карло, Сан Ремо и Венеција.
Според првичниот план, екскурзијата требаше да започне на 30-ти април, а да заврши на 6-ти мај.
Истата е одложена, а од агенцијата велат дека најверојатно ќе се реализира на есен. Средствата нема да бидат рефундирани, се чекало нов термин. Додаваат дека ги следат препораките и постапуваат според нив.
Според последните официјални податоци за кронавирусот, во Турција и Кипар, каде многу наши сограѓанки ќе го прослават празникот, нема заболени.
До денес, заразени се 96.251 лице, 3.303 лица починале, а 53.708 закрепнале.
Листата на која може да се следи во кои земји е присутен вирусот, бројката на заболени, починати, закрепнати, новозаразени и сериозно болни лица, е достапна на
https://www.worldometers.info/coronavirus/?fbclid=IwAR1-pUAdGwX_I84BqKZvDjuJlmg-9WiTHHqDWWrYdoLt1vHRiOeKnOLFz4s
Вики Клинчарова