323
Според законот, на мажените жени во Иран им е потребна дозвола од нивните сопрузи за работа – само една од многуте законски пречки со кои се соочуваат жените кога бараат вработување.
„На интервјуто за работа ме замолија да добијам писмена изјава од сопругот за да докажам дека имам негова дозвола за работа“, вели Неда, која магистрирала инженерство за нафта и гас во Иран.
Според законот, на мажените жени во Иран им е потребна дозвола од нивните сопрузи за работа – само една од многуте законски пречки со кои се соочуваат жените кога бараат вработување.
Извештајот објавен од Светската банка во 2024 година го рангира Иран меѓу најлошите земји во однос на родово-заснованите правни бариери на пазарот на трудот (само Јемен, Западниот Брег и Газа се пониско рангирани).
Ова се рефлектира и во други статистики.
Во неодамна објавениот годишен извештај на Светскиот економски форум Глобалниот родовиот јаз, кој ја мери родовата еднаквост во светот, од 146 земји вклучени во извештајот, Иран има најниска стапка на учество на жените на пазарот на трудот.
Иако жените сочинуваат повеќе од 50 отсто од дипломираните студенти во земјата, нивниот удел на пазарот на трудот е само 12 отсто, според податоците од 2023 година.
Поради родово-базирани закони, како и широко распространето сексуално вознемирување и често сексистички ставови за жените и нивните способности, работната средина е прилично непријателска кон нив.
Повеќето жени со кои разговараше Би-Би-Си изјавија дека чувствуваат дека не ги сфаќаат доволно сериозно на работа.
„Низа правни и културни бариери ги спречуваат жените во Иран да се вработат“, вели Надерех Чамлу, поранешен висок советник во Светската банка.
Чамлу вели дека факторите како што се недостатокот на правна рамка и постоечките законски ограничувања, како и многу големиот јаз во платите меѓу половите и „многу нискиот стаклен плафон“ придонесуваат за ограниченото учество на жените на пазарот на труд во Иран.
Мажите се свесни дека законот им дозволува да ги спречат своите сопруги да работат и некои го користат.
Иранскиот претприемач Саид изјави за Би-Би-Си дека еднаш „лут сопруг упадна во нашата канцеларија, мавташе со метална прачка и извика: „Кој ти даде дозвола да ја вработиш мојата сопруга?“
Тој вели дека сега кога вработува жени бара писмена дозвола од нивните сопрузи.
Младиот Разих, кој работи во приватна компанија, се сеќава на слична случка кога лут маж упаднал во нивната канцеларија и му рекол на извршниот директор: „Не сакам мојата сопруга да работи овде“.
Разих вели дека главниот извршен директор морал да и каже на жената, која била виш сметководител, „да си оди дома и да се обиде да ги среди работите со нејзиниот сопруг, или ќе мора да даде отказ, што на крајот и го направила“.
Поради овој закон, многу компании одбиваат да вработуваат млади жени, вели советничката Надерех Чамлу, бидејќи работодавците не сакаат „да инвестираат во обука на жени кои подоцна ќе се омажат, а нивните сопрузи може да им забранат да продолжат да работат“.
Дури и ако се вработат откако ќе добијат дозвола за работа од нивните семејства и сопружници, жените се изложени на дискриминација која до одреден степен е поддржана со закон.
Еден од таквите акти е членот 1105 од Граѓанскиот законик на Исламската Република, во кој мажот е дефиниран како глава на семејството и „главен хранител на семејството“.