Жени кои не припаѓаат на таканаречената елита ја заслужуваат титулата Жена на годината, порача Аврамоска

by Fokus

Пред три дена во Музејот на македонската борба во Скопје, на свечена церемонија, беа прогласени победничките во македонскиот избор за Жена на годината 2024.

Според резултатите, Жена на годината е Елена Лука, Жена со трајни вредности – Зорана Костовска, Жена менаџер на годината – Никица Мојсоска – Блажевски, Жена со најголеми достигнувања во науката и технологијата – Јехона Спахиу Јанчевска, Млада жена менаџер на годината (до 40 години) – Зорица Бужаровска Бошковска, Жена со најголеми достигнувања во културата – Маја Андоновска Илијевски, Жена со најголеми достигнувања во спортот – Милијана Релиќ, Жена со најголеми достигнувања за општеството – Фатма Бајрам Аземовска, Жена со најдобар стил – Вера Мештеровиќ и Инфлуенсерка на годината – Емм Блажеска (@emmwandera).

Набргу по објавата на резултатите од изборот, јавно се огласи охриѓанката Виолета Аврамоска, советничка во Охридскиот општински Совет од партијата Левица.

Во своето јавно обраќање, таа потенцира дека ниту оваа, ниту пак во изминатите години помеѓу десетте жените на годината, не сретнала жена – работничка, која работи во индустријата, жена земјоделец, самохрана мајка која се мачи да обезбеди егзистенција за своето семејство од социјален ризик, мајка на дете со посебни потреби или ретка болест, ниту пак самохраната мајка, работничка во индустријата која неодамна по втор пат му подари живот на своето дете дарувајќи му го својот бубрег.

-Меѓу десетте ,,жени на годината” наидов на жена со најдобар стил и жена инфлуенсерка, иако до ден денешен не разбрав каква професија е професијата инфлуенсерка. Но, за жал им се нудат на децата и на младите како објекти на идентификација.

Но, затоа пак ни оваа година, ни изминатите години, не сретнав жена работничка, која работи во индустрија, 8 часа во производство, бркајќи ја нормата, која постојано се зголемува штом ја достигнеш, жена текстилна работничка која работи 10 часа во ненормални услови за работа, заклучена во погон без можност да го користи тоалетот кога има потреба за тоа и тоа не ретко експлоатирана од страна на жена претприемач и експлоататор.

Никаде не сретнав жена земјоделец, која станува во четири часот и работи макотрпно по нивите, често пати носејќи ги со себе и своите дечиња, која потоа ја чекаат домашните обврски, како и секоја друга жена.

Не сретнав жена самохрана мајка која така невидлива за државата и за септичката јама од македонскиот капитализам, маргинализирана, дискриминирана, стигматизирана, која работи од утро до мрак, за да обезбеди егзистенција за своето еднородителско семејство во социјален ризик.

Не ја сретнав самохраната мајка, работничка во индустријата која неодамна по втор пат му подари живот на своето дете дарувајќи му го својот бубрег.

Не сретнав жена која е мајка на болно дете со посебни потреби, дете со ретка болест, која не може да работи од причини што државата нема слух за нејзините проблеми па не им обезбеди асистенти за овие деца, поради тоа што немаме центри за дневен престој на овие деца, истакнува Аврамоска.

Во јавноста таа е позната како жена која кога пред неколку години се појави во улогата на носителка на советничката листа на Левица во Општина Охрид, раскажа дека работела од својата 22-ра година, и тоа како благајничка, а откако станала самохрана мајка, и останала без работа во периодот на транзицијата, се борела за егзистенција на своето семејство и како помошничка во кујна, чистачка во апартмани, во агенција за чистење на куќи и станови, како и учителка –волонтер во целодневен престој.

Уште тогаш раскажа дека и таа, како и многу други самохрани мајки, е заборавена од институциите и системот.

Во својата реакција за изборот на Жена на годината, додава дека жените кои не припаѓаат на таканаречената елита, ја заслужуваат титулата Жена на годината, на деценијата, на векот….

-Овие жени не се жени со стил, не се инфлуенсерки, немаат време да си посветат внимание на себе. Некои дури некогаш ќе ги видите со неуредна коса, често пати облечени со изветвена облека и стари чевли, но тие жени се херои. Тие не се жени на годината, туку жени на векот, жени на кои така невидливи за државата, секој нов ден им е борба за опстанок на нивните семејства.

Овие жени во еден минат и ,, мрачен” систем беа херои и објект на идентификација на девојките. Обични жени, така мали, а големи во своите дела и во својата борба.
Има ли дно општеството во кое живееме?

Нека ми простат сите други жени кои не ги спомнав, кои не припаѓаат на така наречената елита, а заслужуваат да ја понесат титулата жени на годината, на деценијата, на векот- порача Аврамоска.

Инаку, Изборот на Жена на годината 2024 започна со отворено онлајн номинирање и биле поднесени 437 номинации. Од нив била формирана листа на финалистки, по 5 во секоја категорија, за кои потоа гласала жири-комисија составена од претставници на медиуми, образовни институции, организатори и соработници.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости