Василка Трајкова (71) од Велес, жена со оштетен вид на двете очи, се уште не е пронајдена, и по седум недели од нејзиното исчезнување.
Според информации од МВР, таа излегла од својот дом во Велес на 14-ти јануари, околу 16 часот, а со себе носела здравствена легитимација.
Последен пат била забележана истиот ден, околу 17.20 часот, во Велес на улица ,,Анѓел Мишев” во правец од долен дел на Градски пазар кон паркинг простор лоциран во близина на Стар Мост покрај реката Вардар.
Каде тргнала сама, и покрај тоа што била лице со оштетен вид, и зошто нејзиниот сопруг исчезнувањето го пријавил во полиција дури наредниот ден, околу девет часот, се уште нема официјална информација.
Како што информираат од СВР Велес, жената се уште се води како исчезната. Било пребарано речното корито на Вардар, како и пошироката околина, и се превземале мерки за нејзино пронаоѓање.
Според информации објавени на официјалната страница за исчезнати лица на МВР, во Велес покрај Василка, како исчезнати се водат уште седум лица, на возраст од 25 до 82 години. Од нив, две се жени, додека пет лица се мажи. Пет од нив исчезнале во периодот од 2012 до 2015 година, а пак две лица во 2004, односно во 2009 година.
Во 2015 година исчезнала Цветанка Тодоровска (82), Ангел Стојанов (25) исчезнал во 2012 година, Борис Атанасов (71) исчезнал во 2014 година, Ицана Арсоска (48) исчезнала во 2012 година, Кирил Ќимов (65) исчезнал во 2014 година, Стојан Митковски (50) исчезнал во 2004 година и Петре Мишев (62) исчезнал во 2009 година.
Вики Клинчарова