Жената која ја оставила чантата седела на клупата 45 минути, некое време откако станала, дошло до експлозија, изјави турскиот министер за правда Бекир Боздаг во интервју за ТВ канал, откако 6 лица загинаа по експлозијата што се случи денеска попладне во Истанбул, која турските власти ја сметаат за терористички напад.
Според Боздаг, сите терористички организации се поддржани од надворешни сили.
-Се води војна против Турција – нагласи тој.
Во директното обраќање на телевизија, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган прв го осуди „кукавичкиот напад“.
-Првите информации укажуваат дека се работи за тероризам. Сторителите на овој кукавички напад ќе бидат разоткриени. Нашите сограѓани нека бидат сигурни дека виновниците ќе бидат казнети – рече претседателот на државата, додавајќи дека „најверојатно е вмешана жена“.
Досега, никој не ја презеде одговорноста за нападот.