Жена ги излажала невенчаниот сопруг и полицијата дека ѝ го украле бебето

by Фокус

Дваесет и три годишната скопјанка што вчера пријавила дека нејзиното бебе е исчезнато од скопските клиники ќе се гони за кривично дело „лажно пријавување на кривично дело“.

Тоа е казниво по член 366 став 1 од Кривичниот законик, кој гласи: „Тој што ќе пријави друг дека сторил кривично дело за кое гонењето се презема по службена долж-ност, а знае дека не е сторител, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“.

Обвинителството од судот побара да и бидат одредени мерки – забрана за напуштање на домот, обврска на осомничената да се јавува повремено на определено службено лице и привремено да и се одземе пасошот.

Жената пријавила дека во јули годинава се породила со машко дете на Гинекологија. Рекла дека детето било задржано на клиника, а таа во повеќе наврати го посетувала сама. Откако пред два дена, нејзиниот невенчан сопруг побарал да го види бебето, го излажала дека тоа е на Клиниката за детски болести.

Отишле таму, но им рекле дека такво бебе не било примено и донесено на лекување на клиниката. Потоа отишле и на ГАК, од каде по направените проверки им рекле дека осомничената воопшто не била примена ниту породена на таа клиника.

„Со преземените дејствија по наредба на јавен обвинител беше утврдено дека осомничената го довела во заблуда нејзиниот партнер и лажно пријавила дека нејзиното новородено дете исчезнало односно било одземено од непознати лица, иако знаела дека тие не се сторители на кривично дело, со што постои основано сомнение дека осомничената е сторител на – Лажно пријавување на кривично дело“, велат од обвинителството.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со вчерашниот случај, министерот за внатрешни Спасовски беше дециден.

-Ако погледнете низ ретроспектива, кога доаѓа време за избори, во Северна Македонија ни се случуваат вакви работи за коишто се мотивирани одредени личности, структури итн. Не мора да бидат само политички мотивации, може да бидат и од други аспекти. Јас ќе ве потсетам пред три, четири години кога имаше избори, почнуваа отворање теми за мигранти, грабнување на деца, разно разни активности – рече Спасовски.

Поврзани новости