Желјасков: Донесете ги уставните измени и уште годинава да се радуваме на почетокот на преговорите со ЕУ

by Fokus

„Позицијата на Бугарија е за прием на Република Северна Македонија во ЕУ без алтернатива. Државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори. Веруваме дека разумот и политичката волја ќе надвладеат и уште оваа година ќе можеме да се радуваме на почетокот на преговорите со ЕУ. За нас е исклучително важно Република Северна Македонија и Албанија заеднички да се движат по тој пат“.

Ова меѓудругото денеска во Скопје го изјави претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Росен Желјасков, по средбата со претседателот на македонскиот Парламент, Талат Џафери.

„Јасно е дека има мнозинство но тоа е недоволно во моментот, но како што споделив една мисла дека државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори. За нас е важно дека позицијата на Бугарија е за прием без алтернатива на Република Северна Македонија во ЕУ. Во таа смисла минатата година бугарскиот Парламент усвои декларација со која го усвои Францускиот предлог, некои тоа го нарекоа дека е постигнат историски компромис, но нашите две држави го направија неопходниот компромис, тој компромис е во името на нашите народи и во таа смисла бугарската позиција не е поразлична од ставот којшто се споделува од мнозинството во македонскиот Парламент“ – истакна Желјасков.

Рече дека со Џафери разговарале и за имплементацијата на Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година и изрази надеж дека на следната средба ќе бидат одбележани уставните измени и почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ.

„Истакнавме дека довербата што треба да ја градиме треба да се спротивставува на говорот на омраза, а гаранција за тоа е ефикасното почитување на правата на бугарската заедница, а уставните измени се дел од тој пат. За нас е важно да се знае дека за Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен европската, при што се обраќам со молба и апел до медиумите да заборавиме на одредени наративи, затоа што на Балканот многу лесно се распламтува искрата на напнатоста, но ние на нашите народи им должиме заедничка европска иднина и мирно егзистирање во овој свет полн со тензии. Затоа и нашата посета денеска е израз на нашите најдобри намери, на нашето пријателство, затоа што нашата иднина е нашиот ангажман кон идните генерации“ рече Желјасков.

Поврзани новости