Откако ДУИ се формираше како политичка организација по завршувањето на воениот конфликт во 2001 година, партијата предводена од некогашниот командант на ОНА Али Ахмети непречено е на власт до ден денес.
Единствено, исклучок беше периодот од 2006 до 2008 година, кога ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски после парламентарните избори во 2006 година одлучи да формира влада со ДПА на Мендух Тачи, иако ДУИ имаше повеќе пратеници.
Таквата ситуација создаде институционална и политичка криза, која во пресрет на следните предвремени парламентарни избори во 2008 година се реши со таканаречениот Мајски договор, кој предвидуваше следните влади да ги формираат победничките партии во македонскиот и во албанскиот блок.
Ваквото правило важеше се до изборите во 2016 година, кога ДУИ одлучи да го прекрши Мајскиот договор и да формира влада со СДСМ, и покрај тоа што СДСМ во македонскиот блок имаше два пратеници помалку од ВМРО-ДПМНЕ.
Најновата разврска на политичката сцена, откако челниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ААА и БЕСА најавија дека имаат ново парламентарно мнозинство, навестува дека ДУИ ќе замине во опозиција за првпат откако се врати на власт во 2008 година.
За да се случи тоа, новото парламентарно мнозинство, кое, според најавите брои 61 пратеници, и изгласа недоверба на актуелната влада предводена од СДСМ, чиј лидер Зоран Заев најави оставка после поразот на локалните избори.
Иако владејачката БЕСА најавуваше дека го поддржува се уште постоечкото мнозинство, нивниот став се промени откако Државната изборна комисија одлучи да ги прифати приговорите на ДУИ, со што ќе има прегласување во Желино, каде со тесна разлика победи кандидатот за градоначалник на БЕСА.
Поради тоа, од партијата на Биљал Касами најавија дека ќе ја напуштат коалицијата поради некоректното однесување на ДУИ, која, според нив, треба да оди во опозиција, што ќе биде за првпат после повеќе од една деценија и вторпат од нивното формирање пред дваесетина години.