Железници работат со загуби од скоро 30 милиони евра, a Македонија пат и ЈСП Скопје се поседувани од доверителите

by Фокус

Неколку државни компании и јавни претпријатија работат во континуирани загуби во последните години, така што некои од нив, според анализата на Центарот за граѓански комуникации врз финансиското работење на 30-те најголеми претпријатија на државно и централно ниво во периодот од 2015 до 2018 година, практично се поседувани од добавувачите и кредиторите.

Имено, АД Железници-Транспорт во минатата 2018 година остварило вкупни приходи кои се помали за 27,4 отсто во однос на 2015 година, додека бројот на вработени во истиот период се намалил за 18,6 отсто.

„Претпријатието постојано искажува загуба во работењето во анализираниот 4-годишен период. Вкупната загуба изнесува околу 28 милиони евра. Кредитната способност покажува дека вкупните долгови на претпријатието се поголеми од нејзиниот капитал и резерви“, стои во анализата.

ЈП за железничка инфраструктура-Железници, пак, постојано искажува загуба во работењето во анализираниот период, која изнесува вкупно 29,4 милиони евра.

„Средствата што ги поседува претпријатието, 93 отсто се финансирани од сопствени извори, додека 7 отсто од поседуваните средства се набавени на товар на добавувачите – кредиторите“, се наведува во анализата.

И АД Македонска пошта веќе втора година по ред искажува загуба, која во 2017 година изнесувала 3 милиони евра, а во 2018 година изнесува 2,7 милиони евра.

„Трендот на намалување на приходите за 13,7 отсто споредено меѓу 2018 и
2015 година и намалувањето на бројот на работниците за 5,1 отсто не бил проследен
со соодветно намалување на расходите“, се вели во анализата.

Слична е ситуацијата и со ЈП Македонија пат, кое на крајот на 2018 година има
основна главнина, резерви и тековна добивка во износ од 1.7 милиони евра, а пренесена загуба од дури над 12 милиони евра.

„Загубата за 7 пати ги надминува капиталот и резервите. Обврските на компанијата на крајот на 2018 година изнесуваат 1.201.587.756 денари и се повисоки за повеќе од 11 пати од капиталот и резервите на компаниите. Компанијата е „поседувана“ од доверителите. Вистинско решение за ваквата состојба е санирање на компанија“, препорачува ЦГК.

Во иста насока се и препораките за ЈСП Скопје:

„Изворите на финансирање на средствата покажуваат дека претпријатието целосно ги има подјадено сопствените извори на финансирање и дека се работи за компанија што ја поседуваат доверителите“.

Поврзани новости