Текстот е објавен во 961. број од неделникот „Фокус“ на 7. март 2014 година
Оние што го познаваат, го знаат со пура в рака. Вработените му се обраќаат со „претседателе“, мора да станат кога ќе го видат за да го отпоздрават, му се обраќаат со должна почит. Неговиот збор е конечен. Минчо Јорданов, бизнисменот кој, според „Форбс“, беше прогласен за еден од најбогатите на Балканот, е типичен пример за зависноста меѓу бизнисот, политиката и медиумите.
Тој беше рангиран на петтата позиција на листата на балканските богаташи. Неговото богатство се проценува на 35 милиони евра. Најважен извор на неговите приходи е фирмата „Макстил“, а во сопственост на Јорданов е и клиниката „Ремедика“, ракометниот клуб Металург и винаријата „Стоби“, а во градежната фирма „Бетон“ поседува 2,4 милиони евра. Во винаријата „Стоби“, Јорданов инвестираше 20 милиони евра. Неговото богатство содржи и кланица и повеќе од 4.000 хектари земја.
Она што е типично за него е што тој успеа да воспостави блискост со секоја власт и така да се одржи на пазарот. Во некои држави е обратно – политичарите зависат од бизнисмените бидејќи кај нив се парите. Тие можат и смеат да им се спротивстават, тие ја имаат моќта да отворат независен медиум, да застанат во одбрана на граѓаните, јасно и гласно да проговорат за состојбите. Кај нас, работите како да зазеле обратна насока – бизнисмените, па дури и оние, најбогатите на Балканот, зависат од политиката. Таа диктира сè – таму се моќта и парите.
Па, неизбежно е прашањето, чуму 35 милиони евра, ако не можеш да им се спротивставиш и да проговориш гласно. Чуму парите, кога повторно власта ги има богатите на дланка!?
НА ТИ ГО – ДАЈ МИ ГО
Кога зборуваме за Минчо Јорданов, две ситуации во последниот период беа крајно симптоматични. Првата беше отказот што го доби Зоран Димитровски, главниот и одговорен уредник на весникот на Јорданов, „Нова Македонија“. Кон средината на минатиот месец, бизнисменот проценил дека главниот уредник не ги почитувал основните професионални стандарди и манипулирал со вистината!
Но, со оглед на актуелната медиумска ситуација во земјава, неизбежно е прашањето кои се, всушност, професионалните новинарски стандарди на Минчо Јорданов? И дали тука воопшто зборуваме за новинарски, бизнис или за политички стандарди? Ситуацијата се покажа таква што, ако ги следиш новинарските стандарди, автоматски кршиш некои бизнис-релации. Па, уште и ако газдата е влезен во политика, ете, тогаш сериозно е прашањето на какви стандарди мислел Јорданов кога вторпат по ред се случува да разреши главен и одговорен уредник поради „непочитување стандарди“?
Позицијата главен и одговорен уредник стана најменливата категорија во македонското новинарство. Или се сведува на „искористи и фрли“ или само на „фрли го неподобниот“. Во секој случај, гледаме многу фрлања. Останаа само најлојалните… но, лојални на што? На стандардите, бизнисите или на политиката?
Така стигнуваме до втората симптоматична ситуација, која, случајно или не, се поклопи токму со смената на Димитровски. До почетокот на февруари медиумите беа преплавени со наслови од типот „Клуч за Макстил“ поради досега неисполнетите еколошки стандарди предвидени со Законот за животна средина од 2004 година. Крајниот рок за усогласувањето на стандардите беше април 2014 година. Министерот за животна средина Абдулаќим Адеми не можеше подецидно да каже дали ќе бидат затворени за помалку од еден месец бидејќи не ги усогласиле стандардите.
„Министерот за животна средина е сигурен дека фабриките ‘Макстил’ од Скопје и ‘Југохром’ од Јегуновце ќе бидат затворени во април годинава. Според Адеми, овие металуршки компании воопшто не инвестирале во поставувањето специјални еколошки филтри, што укажува на тоа дека најверојатно нема да можат да добијат А-интегрирани еколошки дозволи во законскиот рок“, објави телевизија „Телма“ на 15 ноември минатата година.
Тука следуваше и изјавата на министерот, која гласеше:
„Некои фирми ги исполнија стандардите, но некои воопшто не почнале со поставување на потребните филтри, така што тие, најверојатно, односно, не најверојатно, туку сигурен сум дека нема да стигнат до април да ги исполнат стандардите и ќе бидат казнети“.
Иако „Макстил“ АД Скопје, „Скопски легури“, „Балкан енерџи груп“ и други поднесоа барања за пролонгирање на роковите, Адеми остана цврст во ставот дека нема пролонгирање – рокот е први април и крај!Но, токму во периодот по разрешувањето на Димитровски од главен уредник, ставот на Адеми омекна. Случајно или не?
АПРИЛИ-ЛИ-ЛИ
Точно десет дена по разрешувањето на Димитровски, министерот Адеми одеднаш го смени ставот. Не знаеме која е причината за тоа, но ставот на министерот за животна средина во целост се разликуваше од претходните изјави.
„Без разлика на роковите, ова е обврска на ‘Макстил’ и на сите компании и се надевам дека ќе биде исполнета. Пролонгирање може да има одделно, зависи од компаниите што ќе бараат. Тоа може да биде неколку месеци, во зависност од барањето и фазата до која компаниите се влезени со инвестиции и со исполнување на оперативниот план“, изјави Адеми за медиумите, додавајќи дека пролонгирање може да има само за компаниите што прават конкретни чекори.
Генералниот директор на „Макстил“, Иван Бановски, за медиумите изјави дека компанијата ќе продолжи да работи паралелно со производството и со имплементација на системот за отпрашување. Имплементацијата на проектот се очекува да почне месецов, а инвестицијата ќе чини 10 милиони евра.
„Системот ќе биде готов осум месеци од почнување на имплементацијата до финалното пуштање во употреба на постројката. Ќе ни биде потребно пролонгирање на рокот за околу шест месеци“, изјави Бановски за медиумите.
Сиот овој преплет на настани каде што главната улога ја има Јорданов, фрли еден голем сомнеж за она што се случувало во периодот меѓу отказот на Димитровски и омекнувањето на министерот за животна средина во однос на воздухот што го дишат граѓаните! Тој наеднаш стана „и не толку загаден“, па кога веќе сме дишеле облаци од чад со години, зошто да не се почека уште неколку месеци?!
Инаку, постојната постројка за третман на гасови во „Макстил“ е со капацитет од 163.000 кубни метри на час и воопшто нема систем за прифаќање на секундарните емисии, кои непрочистени се испуштаат директно во воздухот. Сега се предвидува примарна и секундарна линија за прифаќање на гасовите, а погоните ќе бидат целосно затворени. Освен ова, ќе се изгради нов оџак и систем за транспорт на правот од филтрите до магацинот. Но, сето ова нема и не може да биде направено во законскиот рок – први април! Децидноста на Адеми во врска со „Макстил“ испадна една голема првоаприлска шега.
Згора на сиот овој преплет на настаните, на веб-страницата на ракометниот клуб Металург беа објавени фотографии на кои се гледа како сопственикот на „Нова Македонија“, Минчо Јорданов, седи заедно со министерот за информатичко општество Иво Ивановски на трибината во „Борис Трајковски“ – само неколку дена откако главниот уредник Димитровски доби отказ од весникот поради наводна склоност кон „одредени политички групации и касти!“.
За тоа дали сиот овој склоп на настани е сосема случаен, секој може да процени сам. Но, останува фактот дека месец февруари беше уште како поволен за Минчо Јорданов – „Макстил“ нема да се затвори, а истовремено тој е во потрага по нов уредник, кој строго ќе ги почитува националните интереси и Кодексот на новинарите!
ЗОШТО ДАМОВСКИ БЕШЕ РАЗРЕШЕН ОД ГЛАВЕН УРЕДНИК ВО „НОВА МАКЕДОНИЈА“?
За човек што има милиони, најчесто очекувањата се дека неговата влијателност и храброст се поголеми од тие на политичарите. Кај него се парите, кај него е моќта, кај него е влијанието да ги менува работите на подобро, па макар и во медиумската сфера. Но, тоа е во демократските држави. Кај нас, очигледно, ниту еден милионер не може да ѝ одолее на политиката, особено кога една партија е на власт осум години и ги зграпчува сите сегменти од општеството.
Минчо Јорданов, очигледно, влезе во тој лавиринт и повеќе не може да се очекува да излезе. Кога ќе се избрише границата меѓу бизнисот, медиумот и политичкиот ангажман, тешко е да се нацрта повторно. А кај сопственикот на „Нова Македонија“ таа дистинкција како одамна да ја снема.
Откако реши да го купи брендот „Нова Македонија“, задоволството беше огромно. Бизнисмен, кој тогаш и самиот се изјасни дека нема политички претензии и дека сè што сака е професионален медиум, собра голем дел од тимот на поранешниот весник „Време“ и од првата постава на „Дневник“ (Александар Дамовски, Емил Зафировски, Стојанка Митреска…) за да се изгради новата „Нова Македонија“. Но, за околу две години работите почнаа да се изместуваат. Отказ доби главниот и одговорен уредник Дамовски, случај кој речиси помина незабележано во јавноста. Не реагираше ниту Здружението на новинарите на Македонија, ниту, пак, другите медиуми.
А, ако се вратиме наназад и ако судиме според она што се врти низ новинарските кругови, случајот беше многу сличен како овој со Димитровски. Според она што е познато, стануваше збор за репортажа на новинарот Зафировски за Кратово – жителите зборуваа за маките што си ги имаат и за недостигот од инвестиции во градот. Зборуваа за сиромаштијата, за запуштениот град. Како што тогаш се шпекулираше, во тој период во тек беа планови за заеднички бизнис-зделки меѓу Јорданов и Љубисав Иванов-Ѕинго.
Според гласините што кружеа во тој период, главниот уредник на „Нова Македонија“ добил повик од Јорданов со кој Јорданов побарал Дамовски веднаш да му врачи отказ на авторот на текстот. Тоа не се случи, па Дамовски експресно беше разрешен од позицијата. И не беше само тоа. Неговото разрешување повлече делење откази на поголем број новинари од редакцијата, сите тие што беа блиски до Дамовски. Сето ова беше поткрепено со онаа стара финта – „не станува збор за откази, туку за истекување на договорите“. И така, „Нова Македонија“ некаде во 2012 година остана без главниот уредник и без десетина новинари.
Но, за ова во тој период не се крена врева во јавноста. Тогаш уште не бевме стигнати на дното според слободата на медиумите. Мешаницата настана подоцна, кога за главен уредник беше поставен Зоран Андоновски, дотогашниот заменик во „Нова Македонија“, а потоа беше направена ротација – Андоновски замина во „Дневник“, а Димитровски дојде во „Нова Македонија“. Никој од нив не остана на оваа функција долго. Со поставувањето на Дарко Јаневски за главен уредник во „Дневник“, овој медиум и конечно го доби епитетот „жесток провладин медиум“. Слична судбина сега можеме да очекуваме и во „Нова Македонија“, додека на конкурс не се избере вториот „Јаневски“.
„БЕТОН“ СЕ КРИЕ ЗАД ПАНАМА И ЗАД БРИТАНСКИТЕ ДЕВСТВЕНИ ОСТРОВИ
Но, медиумскиот бизнис е најмалата алка во целата оваа приказна. Најголемите зделки со власта и со владините институции се јавуваат преку градежната фирма „Бетон“, каде што Јорданов е директор − компанија на која не можат да ѝ се добројат државните тендери, а едно од нејзините поголеми достигнувања беа градбите од „Скопје 2014“.
Според информациите од Централниот депозитар на хартии од вредност, сопственици на „Бетон“ се неколку офшор-компании – „Репро Оне Лимитед“ (регистрирана на британските Девствени Острови), „Волес Трејдинг Корп“ од Панама, „Ароукрест Лимитед“ и ДГ „Бетон“ АД Скопје.
Токму Девствените Острови и Панама, земјите кои важат за даночни рајски локации, според податоците од Народна Банка на Република Македонија, се јавуваат како земји од каде што доаѓаат и каде што заминуваат голем дел од инвестициите во и од Македонија.
„Бетон“ ги градеше источната и западната трибина на стадионот „Филип Втори“, поголеми беа и договорите за новите згради на МНР и на Јавното обвинителство, вредни 30 милиони евра, за катна гаража и Градската куќа, вредни 25 милиони евра, реконструкцијата на Собранието за повеќе од 13 милиони евра и доградбата на зградата на Министерството за транспорт за околу пет милиони евра. Речиси на сите овие договори „Бетон“ има добиено и по некој анекс, вреден стотици или милиони евра. Оваа градежна компанија ги изгради и речиси сите постаменти за споменици и фонтани за новиот изглед на Скопје.
Ако се погледне официјалниот документ од 2007 година на словенечкиот инвестициски фонд „Илирика“, лесно се доаѓа до податоците за тоа кој стои зад офшор-компаниите на АД „Бетон“. Таму стои дека доминантниот акционер (со 35 отсто), бизнисменот Зоран Азманов, во 2007 година ги продал акциите на две офшор-компании – „Репро Оне Лимитед“ и „Волес Трејдинг Корп“.
„Зад овие компании стои господин Минчо Јорданов, кој вети поагресивна маркетинг-стратегија за „Бетон“ во неговото последно интервју“, пишува во документот на „Илирика“.
МИР СО ВЛАСТА ЗА МИР ВО БИЗНИСОТ
За да се стигне до сето ова што е погоре опишано, преку кланици, преку земјишта, до компании и винарии, богами треба да се извојува една голема битка. А таа битка е како да останеш фин со сите, за да не те чепкаат. Власта е менлива, но има одредени бизнисмени, кои, ако правилно играат (ова подразберете го како ви одговара), навистина се незаменливи.
Во еден постар број на „Фокус“, обидувајќи се да направиме еден профил на македонските олигарси (иако Јорданов има изјавено дека не сака да биде претставуван како олигарх, туку како инвеститор) напишавме:
„За македонските олигарси заеднички е начинот на кој го стекнаа богатството во првата половина на 90-тите години на минатиот век. Кога од морално-политички подобни директори за СКМ станаа големи газди и менаџери. Ги создадоа СДСМ и Бранко Црвенковски. Но, не се мутави за да не ги знаат Ахиловите пети и на другите партиски шефови. Љубчо Георгиевски им вдахна нов импулс за време на својот 4-годишен мандат. Враќањето на нивниот творец на власт им донесе двојно задоволство. Ниту по 9-те месеци од мандатот на коалициската влада на ВМРО-ДПМНЕ не им е нарушена комоцијата. Ако по утрото се познава денот, Никола Груевски само ќе го доврши процесот што го почна Црвенковски“.
За да се долови како изгледа овој процес на постојан мир со власта за мир во бизнисот, доволна е биографијата на Јорданов. Па, така, тој од почетокот на 1980-тите е директор на „Топла валавница“, од каде што во 1986 година тргна штрајкот, кој се префрли пред Собранието на СРМ, а против Извршниот совет на Глигорије Гоговски. По големиот штрајк на железарците, со кои беше заедно, рамо до рамо, станува генерален директор на „Рудници и железарница“. Во 1990 година заминува како претставник на „Технометал-Вардар“ во Москва.
По неколку години, откако доаѓа до конфликти со директорите во Скопје, Минчо преминува во „Дуферко“, фирма со седиште во Лугано, Швајцарија. Тој станува нејзин претставник за Украина и Русија. Како што веќе пишуваше „Фокус“, остана отворено дали парите ги направил во социјализмот, ама не можел да ги покаже или, пак, Москва е клучот за неговата трансформација во моќен тајкун.
Тој во Македонија доаѓа кога „Железарница“ е во пропаѓање. Во мај 1997 година „Рудници и железарница“ се брише од судскиот регистар и се трансформира во АД „Макстил“.
Според Централниот депозитар за хартии од вредност, сега „Макстил“ има двајца сопственици – 62,40 отсто од акциите има „Дуферко“, а 19,38 отсто офшор-компанијата „Минјорк Оверсис ЛТД“ од Панама.
Во финансиската ревизија за „Макстил“, направена од независниот ревизор КМПГ во 2011 година, пишува:
„Друштвото се потпира на групата ‘Дуферко’ за постојните договори за производство. Без ваквата поддршка, друштвото би требало да најде алтернативни набавувачи и потрошувачи за своите производи. Претходното искуство, а имајќи го предвид моменталното економско опкружување, укажува дека тоа би било тешко. Доколку поддршката од групата ‘Дуферко’ би прекинала, ќе треба да се направат корекции за да се намали вредноста на средствата до износот на моменталната продажна вредност и да се направи обезбедување за покривање понатамошни обврски кои би произлегле“.
Со други зборови, ништо без помошта од Лугано и од Панама!
БИЗНИС, МЕДИУМИ И ПОЛИТИКА
Серијалот колумни на бившиот разузнавач Јанко Бачев открива уште еден детаљ од профилот на Минчо Јорданов, а тоа е неговата способност за контрола. Во буквална смисла на зборот!
Според Бачев, во „Макстил“, „старите пријатели“ од времето на УДБА некаде во 1998 година ја реализираат идејата за формирање паралелна разузнавачка служба. Јадрото на таа паралелна структура во добар дел, според Бачев, ја сочинуваат најискусните и најспособните кадри на тајната полиција, засилена и со пензионирани агенти на СДБ. Овие податоци или шпекулации, сеедно, поминаа со максимална игноранција. Она што остана како факт е дека дел од сегашното раководство во весникот „Нова Македонија“ има богата работна историја во МВР!
Како и да е, Јорданов стана член во Економскиот совет на премиерот Љубчо Георгиевски, а потоа и вицепремиер во сдсмовската влада на Владо Бучковски, со кого сега (заедно со новинарот Љупчо Зиков) ја формираа „Алијансата за позитивна Македонија“. Зиков е косопственик и управител на неделникот „Капитал“ (каде што сопственост има и Јорданов), а со Бучковски „муабетот“ си го имаа уште од времето. Па така, сè си дојде на свое место. Медиумите и бизнисите сега фаќаат залет и во политиката.
Додуша, нема ни некоја голема разлика во ова време. И нема ништо нечесно или несериозно ако еден бизнисмен протежира одредена политика. Но, она што останува како феномен во македонското општество, преку ликот на Минчо Јорданов, е сервилноста кон власта. Кон секоја власт.
Можеби во некое наредно издание на „Форбс“ ќе можеме да прочитаме кои се оние бизнисмени-милионери кои успеале на пазарот без пазар со власта. Да, и тоа го има во светот. Но, тогаш македонските бизнисмени тешко дека ќе се најдат во „Форбс“!