Жбогар за Договорот од Преспа: Беше тежок и болен процес, но ЕУ тоа го препозна

by fokus

За да се постигне договорот од Преспа беа потребни решителност, посветеност и лидерство од двете страни. И тоа го видовме со потпишувањето, преку процесот на ратификација во Собранието, а јас сум оптимист дека тоа ќе го видиме и во Грчкиот парламент многу брзо. Останувам оптимист и гледам посветеност кај двете страни целосно да го спроведат договорот,  истакнува евроамбасадорот Самуел Жбогар во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Договорот од Преспа, како што посочува Жбогар, е вистинско достигнување.

-Беше тежок, болен процес, но нашите лидери во Европа, земјите-членки на Унијата го препознаа тоа. Тие го ценат договорот и тоа што тој значи за двете земји, за регионот. Тие ги пофалија лидерите на двете земји за овој договор и прилично сум сигурен дека ќе го имаат тоа предвид кога во јуни ќе решаваат за отворање на преговори, истакнува тој.

Во интервјуто Жбогар посочува дека размислува оптимистички и на позитивни решенија.

-Не мислам дека треба да размислуваме за негативни сценарија, туку треба да ја фокусираме целата енергија на исполнување на реформите. Знаете, да се постигне Преспанскиот договор, да се ратификува, да се смени Уставот, тоа бара многу посветеност, решителност, сила и самодоверба како нација. Само треба да го искористите истото во спроведување на реформите. Ако ја видиме истата искрена посветеност кај реформите, не мислам дека треба да се грижите за тоа што ќе се случи во јуни, потенцира евроамбасадорот Жбогар.

Во врска со реформите во правосудството тој вели дека допрва треба да ги видиме вистинските промени во судството.

-А вистинските промени би значеле дека судството е целосно независно, отпорно на влијанија од политиката, дека е имуно на самоцензура, дека е професионално, ефикасно, искрено, дека има доверба кај граѓаните, а тоа допрва треба да се постигне, се работи за процес, но со вистинска посветеност и решителност од страна на политичарите и пред се од самото судството, мислам дека е достижно, додава Жбогар.

На прашање за Законот за употребата на јазиците, Жбогар вели дека Уставот и законите се многу јасни во однос на надлежностите на властите кои се однесуваат на усвојување, објавување и прогласување на законите.

-Не е до нас да оценуваме. Мислам дека Уставниот суд е единствениот кој може да оцени како Уставот се спроведува или дали правилно се спроведува…., истакнува евроамбасадорот Жбогар.

Поврзани новости