Вчерашната средба меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас е темел за добро разбирање и изнаоѓање на решение, кое ќе биде добро за двете земји, но за целиот регион и Европа, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар при денешната посета на Битола.
-Само преку дијалог можат да се решаваат проблемите и тоа е единствениот начин секогаш да се решаваат отворените прашања. Во изминатите неколку месеци, двете влади, на Република Македонија и Грција, навистина воспоставија многу интензивен дијалог со цел да можат да креираат атмосфера која ќе придонесе кон наоѓање на решение – рече Жбогар.
Тој најави дека во јуни е можно отворање на пристапни преговори со ЕУ за некои земји од Западен Балкан.
-Многу работи ќе се случуваат на тоа ниво секој месец, работи кои не се случувале порано. Европската Комисија ќе ја публикува својата стратегија за Западен Балкан во февруари, која ќе обезбеди визија како ЕУ гледа патот на зачленување на земјите од Западен Балкан во ЕУ – истакна евроамбасадорот.