Евроамбасадорот Жбогар пред завршување на неговата мисија во земјава, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за тоа дали е реалистично да се очекува дека првата меѓувладина конференција ЕУ – Северна Македонија, која де факто ќе значи почеток на пристапните преговори, би можела да се одржи до декември годинава.
-За да се одржи оваа меѓувладина конференција треба да имаме заедничка преговарачка позиција на ЕУ. За ова прашање подолг период се преговара, оваа недела земјите членки ја рестартираат дискусијата врз основа на предлог-рамката што ја изготви Европската комисија. Штом се усогласи заедничката позиција, меѓувладината конференција ќе биде закажана. Слушнав дека германското претседателство со ЕУ е решено оваа конференција да се одржи до крајот на годинава, во текот на претседавањето на Германија. Така што, директоно да одговорам на прашањето – се надевам и сметам дека можеме реалистично да очекуваме меѓувладината конференција да се одржи пред крајот на годинава, вели Жбогар.