Евроамбасадорот Самуел Жбогар денеска изјави дека Специјалното јавно обвинителство е најдобрата алатка за одредување на одговорноста што произлегува од прислушуваните разговори и ги повика партиите да му дадат целосна поддршка.
-Позната е нашата позиција што се однесува на СЈО. Како што знаете, формирањето на СЈО е клучната работа која произлегува од Пржинскиот договор и политичките партии многу пати се имаат обврзано да дадат поддршка на СЈО. И ние ги охрабруваме политичките партии да ја почитуваат оваа нивна заложба и во иднина да ја имплементираат поддршката за СЈО. Сите вие знаете дека СЈО не претставува крај како такво, туку тоа претставува само една алатка, т.е. најдобрата алатка да се одреди одговорноста или пак да се истражува одговорноста која што произлегува од прислушуваните разговори. Ова е наш став и остануваме на него – изјави Жбогар во Куманово.
Евроамбасадорот смета дека партиите се подготвуваат за парламентарните избори и нема да се доведе во прашање нивното одржување на 11 декември.
-Имам впечаток дека сите се подготвуваат за одржување на изборите. Ние, како ЕУ, се радуваме и со нетрпение очекуваме да се одржат изборите, тогаш кога се закажани. Тоа ќе биде можност земјата да се врати во нормала, да продолжи по својот европски пат и да ја продолжиме нашата соработка – додаде Жбогар.