Жбогар: Ова не е само уште една одлука на ЕУ, ова е одлука за почеток на преговори

by fokus

Земјите членки конечно се согласија за почеток на преговори со Северна Македонија. Ова не е само уште една одлука на ЕУ, ова е одлука за почеток на преговорите за пристапување. Нема повеќе дополнителни услови и затоа сакам да им честитам на граѓаните на земјата за нивното трпение, решителност и посветеност кон европската идеја, вели евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју за МИА.

Очекува до јуни Европската комисија, која ќе преговара со нас во името на сите земји членки на ЕУ, да подготви предлог преговарачката рамка, во која ќе биде вклучена новата методологија.

– Потоа земјите членки треба да го разгледаат и усвојат документот. Откако тоа ќе биде направено ќе се закаже првата меѓувладина седница, која го означува почетокот на процесот на преговарање. Но да повторам уште еднаш, земјите членки донесоа одлука да отворање на преговори. Нема враќање назад, тоа значи дека сега сте во возот за преговарање и тој ја напушти станицата, нагласува Жбогар.

Брзината на преговорите, според Жбогар, зависи од тоа колку брзо земјата ќе ги исполнува потребните услов и реформи, за што е потребна соработка од сите политички чинители.

– Мојот совет е да не се гледа на преговорите како на исполнување задачи што треба да ве однесат во ЕУ. Процесот на преговарање е инструмент што треба да ја донесе ЕУ во вашата земја, да донесе вистинска промена на општеството и земјата и со тоа да ги исполни потребите на граѓаните. Патот (преговорите) е подеднакво важен како и крајната дестинација (членството), оценува Жбогар.

За тоа како да се справиме со одливот на млади од земјата, за потенцијалниот камен на сопнување во реформскиот процес, но и справувањето со заедничкиот предизвик на панедмијата на Ковид-19, што е вистински тест за „солидарноста“ на Европа ќе читате во целосното интервју со Жбогар што ќе биде објавено утре.

Поврзани новости