Европската Унија очекува наследникот на државниот Јавен обвинител Марко Зврлевски да биде независен и со кредибилитет. Ова денеска го порача амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, откако вчера во јавноста се појавија имињата на некои од можните кандидати за наследник на Зврлевски.
„Самата цел на сите реформи кои ЕУ ги бара од вашата земја е департизација и деполитизација на самото судство. Прашањето за именување на новиот државен обинител е прашање за кое Собранието на вашата земја треба да одлучи дали ќе избере нов државен обвинител. Ако Собранието одлучи да назначи нов државен обвинител, ние како ЕУ искрено се надеваме и очекуваме таа личост да биде независна, високо професионална, со авторитет како и со кредибилитет за да може да ја води таквата институција“. – изјави Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ.
Околу итните реформски приоритети, Жбогар рече дека ЕУ и натаму ќе сугерира Владата да се ангажира за нивно спроведување.
„Ние како ЕУ и како меѓународна заедница во изминатите неколку дена забележуваме дека во земјата луѓето како да чувствуваат некое олеснување.Олеснување кое доаѓа како резултат на тоа дека кризата е завршена. Мислиме на реформи кои треба да се спроведат за да имаме независно судство кое ќе ги третира граѓаните еднакво“, вели Жбогар.