Eвроамбасадорот Жбогар пред завршување на неговата мисија во земјава, во интервју за „360 Степени“ даде оценка за изминатите 4 години во кои беше амбасадор во С. Македонија и најохрабрувачките и најразочарувачките работи на кои сведочел.
-За среќа, има повеќе охрабрувачки отколку работи што разочараа. Најразочарувачкото се однесува на владеењето на правото, поточно на специјалната обвинителка Јанева и нејзината вмешаност во случајот „Рекет“. Мислам дека ова беше за нас, за мене лично, најголемо разочарување, своевиден шок и заедно со многу граѓани се почувствував предаден од личноста на која и дадовме доверба. Но, владеењето на правото не е само за… Разочараноста во делот на владеењето на правото не се однесува само на разочарувањето од специјалната обвинителка. Разочарувањето оди понатаму – како граѓаните овде го перцепираат владеењето на правото. Владеењето на правото не се само судовите, владеење на правото е да не пушите во ресторани ако тоа не е дозволено, владеење на право е да не паркирате на улица каде сакате… Тоа е разочарувачки за мене, кога ќе видам автомобили паркирани на велосипедски патеки, тоа е владеење на право и затоа би рекол дека тоа е најголемото разочарување. Разбирањето за тоа што е владеење на право, менталитетот… Најохрабрувачката, најпозитивната работа се однесува на младите во вашата земја. Се сретнав, поточно зборував со неколку млади луѓе и енергијата, активизмот, општествената одговорност, нивната реална перцепција на проблемите, нивната вклученост, сево тоа беше еден вид просветлување за мене. Затоа бев многу среќен кога видов како средношколците и нивните организации демонстрираат зашто сакаат да се вратат во училиштата. Не велам дали се во право или не, но бев среќен што видов дека се мобилизирани, дека постои активизам и дека сакаат да го кренат гласот за општеството да ги слушне. Мислам дека ова е многу охрабрувачки и здраво за општеството, кога имате такви млади луѓе