Жбогар на проштална средба кај Пендаровски

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски денеска на проштална средба го прими амбасадорот Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, се разговарало за актуелните состојби во земјата по формирањето на новата Влада, како и за приоритетите и реализацијата на реформите во контекст на аспирациите за членство во Европската Унија.

Претседателот Пендаровски изразил очекување дека во рамки на тековното германско претседателство со Европската Унија ќе се одржи првата меѓувладина конференција, со што ќе се означи и официјалниот почеток на пристапните преговори за членство.

Заблагодарувајќи се за севкупниот ангажман во изминатите четири години и за неговите силни заложби за напредок на државата на европскиот пат, претседателот Пендаровски изразил задоволство што за време на мандатот на амбасадорот Жбогар беше донесена одлуката од страна на земјите-членки за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија.

Посакувајќи му успех во натамошниот професионален ангажман, претседателот Пендаровски изразил очекување дека амбасадорот Жбогар, како докажан пријател на нашата држава  и во иднина ќе продолжи да дава силна поддршка за аспирациите на Република Северна Македонија за членство во Европската унија.

Поврзани новости