Договорот за добрососедство со Бугарија е пример како две држави можат сами да решат проблем кој постоел многу години, изјави шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар, во интервју за ТВ 21.
„Јас морам да го поздравам овој договор, затоа што мислам дека е договор кој ќе ги промени односите не само меѓу двете земји, туку и во регионот. Тоа е пример како две држави можат да го решат проблемот кој постоел многу години, и како можат да го отворат патот на соработка за во иднина“, вели Жбогар во интервјуто.
Тој посочува дека во ЕУ и земјите членки постои оптимизам за перспективите на земјата во однос на евроинтеграциите.
„Има оптимизам во Брисел и во земјите членки на ЕУ. Сакаме да ја видиме земјата да се движи напред, сакаме да донесеме добри вести и да почнеме преговори. Но, за тоа мора да работиме заедно и тогаш мислам дека резултатите ќе дојдат“, истакнува амбасадорот Самуел Жбогар.