Земјите-членки одлучија да ги отворат преговорите со Северна Македонија. Нема враќање назад, преговарачкиот воз замина од станицата и вие сте во него. Брзината на возот зависи од два машиновозачи од двете страни. Преговорите ќе се одвиваат онолку брзо колку што вие сте во можност да преговарате, да ги исполнувате барањата и да се реформирате. Се надевам дека сите политички сили ќе можат да се обединат околу стратешката цел на забрзување на преговорите, вели евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју за МИА.
После 15 години добивме „зелено светло“ за почеток на пристапните преговори, но некои велат дека нема конкретен датум. Како вие гледате на ова?
– Прво, мислам дека треба да застанеме и да погледнеме што се случи оваа седмица. По многу години, многу препораки, по разочарувачките исходи од Европскиот совет во јуни 2018 година, јуни 2019 година и октомври 2019 година, земјите-членки конечно се согласија да ги започнат преговорите со Северна Македонија. Ова не е „само уште една одлука на ЕУ“. Ова е „одлуката“ за почеток на пристапни преговори. Веќе нема дополнителни услови и сакам да им честитам на граѓаните на земјата за нивното трпение, одлучност и посветеност на европската идеја.
Како што беше случајот и со другите земји што преговараа пред вас, ќе има неколку чекори пред одржувањето на првата меѓувладина конференција. Европската комисија, која ќе преговара со вас во име на земјите-членки, има потреба од мандат за преговори, она што ние го нарекуваме преговарачка рамка. Европската комисија ќе подготви нацрт-преговарачка рамка што исто така ќе треба да ја вгради и новата методологија. Ние очекуваме ова да биде готово до јуни. Потоа земјите-членки треба да дискутираат, преговараат и да го усвојат документот. Откако ова ќе заврши ќе биде закажана првата меѓувладина конференција што го означува почетокот на процесот на преговарање.
Сепак, да повторам уште еднаш, земјите-членки одлучија да ги отворат преговорите. Нема враќање назад, преговарачкиот воз замина од станицата и вие сте во него.
Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли објави дека членовите на ЕП нема да одржуваат состаноци во Стразбур до септември оваа година. Причината за ова е тековната Ковид-19 пандемија. Дали поради ова е можно одложување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија?
– Пандемијата на КОВИД-19 може да го искомплицира процесот на договарање на преговарачката рамка поради фактот дека создава потешкотии за физичко состанување на земјите-членки во Брисел. Овие дискусии може да потраат, не само поради вирусот, туку и заради тоа што земјите-членки треба да постигнат согласност околу вклучување на новата методологија во рамката, како и потребата од договарање на сите елементи поврзани со преговорите. На пример, процесот траеше околу три месеци во случајот со Црна Гора, а многу подолго во случајот со Србија.
Имајќи ја предвид новата методологија, кога може да очекуваме полноправно членство во ЕУ? Кој е вашиот совет за нас?
– Да се навратам на референцата со возот – брзината на возот зависи од два машиновозачи од двете страни. Преговорите ќе се одвиваат онолку брзо колку што вие сте во можност да преговарате, да ги исполнувате барањата и да се реформирате. Се надевам дека сите политички сили ќе можат да се обединат околу стратешката цел на забрзување на преговорите. Ако сите членови од вашиот тим во чамецот веслаат во истата насока, само тогаш ќе можете да спроведувате реформи, да донесувате тешки одлуки поврзани со преговорите и да го доближувате законодавството на ЕУ, со што побрзо ќе се движите кон целната линија.
Мојот совет за вас е да не гледате на пристапните преговори како вежба со штиклирање на завршени обврски што ќе ве однесе до ЕУ. Процесот на преговори треба да се гледа како инструмент за донесувење на ЕУ во земјата, донесување на вистинска промена во општеството и земјата, и на тој начин давање одговор на барањата на вашите граѓани. Патот (преговорите) е исто толку важен како и крајната дестинација (членството).