Испорачавте се што беше побарано од вас, го исполнивте вашиот дел. Но во Европската Унија одлуките за овие прашања се носат едногласно, а за жал ние повторно го одложивме ова прашање. Го разбираме разочарувањето на граѓаните и на политичарите од одлуката на Европскиот Совет во Брисел, но остануваме посветени на Северна Македонија и на регионот.
Ова во интервју за МИА го вели евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар, признавајќи оти треба да се извршат реформи и во самиот процес на носење одлуки внатре во самата ЕУ.
Подвлекува дека проширувањето на ЕУ кон регионот останува нивен стратешки приоритет, и тоа не е променето.
На прашањето дали во мај на Самитот во Загреб очекува земјава да добие датум, вели дека сега ЕУ треба да се воздржи од ветувања.
-Треба да се воздржиме од ветувања, бидејќи ветивме во јуни лани и во јуни 2019 и сега во октомври и сега е најдобро да се воздржиме од давање ветувања за датуми, но затоа треба да се фокусираме на правењето на вистинските промени, порачува Жбогар за МИА.
Во однос на тоа дали ќе се засили руското политичко и кинеското економско влијание во регионот по француското „не“ за Северна Македонија, Жбогар за МИА вели дека во ЕУ немаат ништо против земјите да имаат добри односи со други земји.
– Не сме против земјите да имаат добри односи со Руската Федерација, како и економски односи со Кина. Тоа е до самите земји да проценат какви придобивки добиваат со тоа. Убедени сме, а и добивме потврда синоќа од лидерите на сите политички партии, дека тие ја гледаат иднината на земјата во ЕУ и дека ќе сторат се за да го забрзаат процесот, потенцира Жбогар.
Тој објаснува дека разбирливо е разочарувањето на граѓаните и на политичарите од одлуката или неодлуката на Европскиот Совет во Брисел.
– Европската Унија останува посветена на регионот. Проширувањето на ЕУ кон регионот останува стратешки приоритет, и тоа не е променето. Остануваме најголем донатор, остануваме најголем трговски партнер, најголема извозна дестинација и доаѓаат големи инвестиции од големи инвеститори во земјата. Ние ќе продолжиме да работиме со земјата, ќе продолжиме да ја поддржуваме и да помагаме и во наредните месеци ќе имаме интерни дискусии за промената во политиката на проширување и пред Самитот во Загреб, нашите лидери ќе се навратат на прашањето за отворање преговори со Северна Македонија.
Жбогар тврди дека француското барање за промена на методологијата не е само француско барање, многу земји се прашуваат дали процесот на проширување каков што е сега навистина дава добри резултати.
-Од страна на ЕУ, имаме недостиг да видиме дека има промена со проширувањето. Преговори за проширување течат со одредени земји, но во исто време не гледаме промени во земјите какви што очекуваме. Од страна на кандидатите, исто така гледаме дека има се повеќе и повеќе чекори и датумот за влез се повеќе и повеќе се одложува. Ако Хрватска преговараше шест години, Србија веќе преговара шест и пол години, и не е ниту речиси близу до влез, Црна Гора преговара осум и пол години, и се уште не се влезени. Исто така, на земјите-кандидати им се чини дека тоа е бескраен или вечен процес. Затоа, двете страни и земјите-членки и кандидатите на некој начин не беа среќни на начинот на кој што се одвиваше проширувањето. И тоа францускиот претседател го изнесе за дискусија и инсистираше тоа сега да биде ставено на маса и заедно да најдеме подобар начин како да добиеме резултати. На крајот, тоа може да излезе подобро за земјите-кандидати. Можеби ќе има повеќе предвидливост, поголема извесност во целиот просец. Но ќе видиме, се уште не сме почнале значајни дискусии. Но важно е што останува посветеноста за проширување на Западен Балкан. Тоа не е ставено под знак прашалник, објаснува тој.
Интервјуто можете да го прочитате на МИА.