Шефот на делегацијата на Европската унија во Македонија, Самуел Жбогар, одговарајќи на новинарско прашање околу законот за употреба на јазиците кој минатата недела беше донесен во Собранието, рече дека Законот е важен за Албанците затоа што го гледаат како последен чекор кој произлегува од Охридскиот рамковен договор
-Донесувањето на овој закон за Албанците е од важност бидејќи така се чувствуваат поценети и прифатени во општеството и самата земја. Законот ќе ги подобри односите помеѓу зедниците и ќе ја врати земјата на реформската агенда – рече Жбогар.
Според евроамбасадорот во случај кога правата на една, немнозинска заедница се подобруваат тоа не би требало да им пречи или да се меша со правата на мнозинската заедница.
– Мислам дека мнозинската заедница не би требало да се почувствува дека на кој било начин нејзините права се загрозени. Чувствувам дека кај мнозинската заедница постои таков страв. Ние како ЕУ одблиску го следевме донесувањето на законот за јазиците и очекуваме тој да биде испратен до Венецијанската комисија, како впрочем и беше наведено во планот 3-6-9. Се надеваме дека овој закон ќе започне со имплементација и целосно почитување на европските стандарди и европските позитивни практики. Секако, очекуваме и дека имплементацијата ќе биде почитувана од сите чинители во општеството и во близок дијалог – подвлече тој.
Тој очекува законот за јазиците да стапи во сила поскоро, со што, како што нагласи, ќе им се даде простор на Собранието и Владата да се фокусираат на европската агенда, која треба да биде приоритет.