Жан Митрев седна на обвинителна клупа – рочиштето се одложи оти вчера ангажирал нови адвокати

by fokus

Докторот Жан Митрев обвинет за кривично дело “измама” денеска седна на обвинителна клупа, но првото рочиште се одложи бидејќи докторот вчера ангажирал нови бранители.

Претходниот адвокат Стевица Јосифовски на 20 февруари поднел поднесок до судот дека не може да присуствува оти бил на патување. Вчера Митрев го отповикал овој адвокат и ги ангажирал адвокатите Никола Додевски и Никола Лазаров.

Судот и даде време на одбраната да се подготви за до 5 април.

Обвинителката Искра Хаџи Василева го предупреди на злоупотреба на правото на одбрана, а адвокатот порача дека обвинителката врши притисок врз судот и го попречува правото на одбрана.

Обвинението против Жан Митрев и болницата го поднесе Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје на 10 јануари 2023. Докторот се гони за кривичното дело измама (член 247, став 4 од Кривичниот законик), а е поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација.

Предметот на обвинението е прикривање на клучните факти за хемофилтрацијата, односно методот бил прикажуван онака како што не смее, дека е алтернатива за лекување од ковид, а всушност не е така. Тоа Митрев го правел и преку многубројни медиумски настапи кои ќе бидат дел од доказите.

Жан Митрев, пак, уверува дека е невин и тврди дека не бил измамен ниту еден пациент.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави документарец под наслов „Нечиста крв“, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости