Членови на семејствата кои се лекувале во клиниката „Жан Митрев“ денеска со транспаренти го пречекаа кардиохирургот за кого утрово во Кривичниот суд беше закажан нов почеток на судскиот процес против него и против неговата клиника за кривично дело „измама“.
Како што објави телевија „Алсат“, членовите на семејствата носеле транспаренти на кои пишува „Нашиот роднина не умре од Ковид, туку од пропустите на Жан Митрев“, „Хемофилтрацијата ги удави нашите роднини, бараме одговорност“, „Профит на сметка на заразените со Ковид-19“.
До медиумите веднаш стигна соопштение од клиниката „Жан Митрев“ со реакција дека против лекарот и неговата клиника се води инструиран процес и организирана хајка за неосновано обвинение.
-Присуството на луѓе со транспаренти на денот на рочиштето чиј датум и време на одржување не беше јавно објавено, говори дека сѐ поврзано со овој процес е претходно организирано и се води според нечија агенда. Организирање на луѓе со транспарентни кои повикуваат на линч, создаваат атмосфера како се да е веќе решено, е најостро рушење на правдата и одземање на правото да се докаже невиноста и вистината. Ова не е правно оружје и на ваков начин се спречува вистината.
Ако процесот против д-р Жан Митрев и Клиниката Жан Митрев е непристрасен, фер и без влијание, тогаш каде е презумцијата на невиност и зошто се води организирана хајка, се вели во дел од соопштението.
Сепак и денеска пропадна обидот да се почне судскиот процес. Почетокот се одложи по втор пат затоа што предметот бил во апелација по жалба за мерките за имотот (замрзнувањето).
Судијката кажа дека предметот бил испратен на 7 март, но се уште не е вратeн. Одбраната на Митрев не успеала да направи увид во списите на предметот што беше причина за одложување на минатотот рочиште. Следното е закажано за на 12 мај.
Обвинението против Жан Митрев и болницата го поднесе Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје на 10 јануари 2023. Докторот се гони за кривичното дело измама (член 247, став 4 од Кривичниот законик), а е поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација.
Предметот на обвинението е прикривање на клучните факти за хемофилтрацијата, односно методот бил прикажуван онака како што не смее, дека е алтернатива за лекување од ковид, а всушност не е така. Тоа Митрев го правел и преку многубројни медиумски настапи кои ќе бидат дел од доказите.
Жан Митрев, пак, уверува дека е невин и тврди дека не бил измамен ниту еден пациент.
Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави документарец под наслов „Нечиста крв“, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.