Празниците се познати ширум светот како време кое е наменето за семејството и најблиските, и кое се минува во друштво на саканите. Како за новогодишните, така и за други големи празници во угостителските локали се организираат разни забави, со жива музика, а токму естрадните уметници, кои се тогаш најангажирани, ги минуваат поважните датуми работно, без своите блиски.
За тоа дека од нив се очекува да направат забавна атмосфера и да ги расположат присутните, и без оглед на тоа што им се случува приватно треба да бидат весели, многу од нив се согласуваат дека не е секогаш лесно.
Жаклина Узунова, сопруга на починатиот поп и фолк музичар, професор и композитор Јанко Узунов, за ,,Фокус” раскажува дека иако продолжила со редовни настапи по неговата смрт, сепак и по речиси изминати околу осум години, болката е присутна, а за време на празници, станува уште поголема.
-Кога ќе ти се случат неколку трагедии, ги губиш најмилите (неодамна почина и нејзиниот брат), а мораш да продолжиш понатаму со животот… единствена утеха е мислата дека тие се на поубаво место, и има некој ангел чувар кој ти дава сила да ја издржиш болката.
Секогаш е тешко, но за празници е најтешко! Кога се те потсетува на среќа, сите се веселат, а јас скршена од болка и тага треба да направам еуфоричен амбиент, за луѓето да бидат среќни…
Ме води мислата дека Јанко би сакал ваков сензационален настап, и ми дава сила во тој момент да ги потиснам емоциите во себе, иако додека пееш некој збор ќе те жегне, ќе потече по некоја солза.
Мојата публика, малешевци, тие се најдобрата публика на светот, и сите ја знаат мојата судбина. Прифатени се солзите, дури и со поглед ми даваат поддршка. Ми се случи така за време на настап, ми навреа спомени и ми дојдоа солзи, а неколку млади девојчиња од публика кога го забележаа тоа, веднаш дојдоа, ме прегрнаа и со мене пееа, давајќи ми утеха, без збор ми кажаа дека знаат како ми е, и дека се со мене – раскажува Узунова.
Таа и Јанко имаа голема љубов која траеше 24 години, се до моментот кога тој ненадејно почина од инфаркт во нејзиното родно Берово, на 63-годишна возраст.
Додека беше жив, заедно настапуваа и го оформија и музичкото – едукативно училиште ,,Узун’’. Беа познати како еден од најхармоничните парови на сцената, а трагедијата, кога во 2009 година го изгубиле нивното бебе, уште повеќе ги зближила.
Жаклина, која има редовни настапи во малешевско, и дочекот на Новата година ќе го мине работно, како и речиси секоја година во минатото. Ќе настапи во ресторанот ,,Бачило” во Берово, и вели дека колку и да и е тешко, музиката и верната публика е она кое ја одржува во живот.
-На сите Македонци, на сите читатели на ,,Фокус” им посакувам здравје и среќа во Новата година. Нека се нижат само убави моменти! Благодарна сум што народот не ме заборава мене, што не го заборава Јанко, чија музика остана да живее – изјави Узунова.
Вики Клинчарова