Зоолошката градина не е кланица, туку место каде е на највисоко ниво благосостојбата на животните. Запрепастен сум од она кое се случило таму, тоа е недозволиво – за „Фокус“ вели Ѓорги Галетановски, до неодамна директор на ЗОО Скопје, по повод веста дека повеќе од десет коњи биле убиени во зоолошката. Додава дека во периодот додека тој беше на функција, не се случило такво нешто.
Како потсетување, во времето додека тој беше директор на ЗОО Скопје, за институцијата се слушна надалеку и истата се најде како позитивен пример за добра грижа за животните и интересни содржини за посетителите, во голем број на светски познати медиуми.
Самиот си поднесе оставка од функцијата по доаѓањето на новата градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, бидејќи таа не го примала на разговор и сфатил дека доаѓаат неизвесни времиња за зоолошката.
Појаснува дека во врска со набавката на храна за животните, односно набавката на месо, има одредени процедури. Набавката одела исклучително преку тендер, а додека тој бил на чело на институцијата, годишно се плаќало околу 40.000 евра на компанијата која ја снабдувала зоолошката со месо. Животни во градината не се колеле.
Сега пак, од документите кои беа јавно објавени на страницата за јавни набавки, може да се види дека тендерот за набавка на храна на животните за цела година изнесува 73 илјади евра.
И вработени во зоолошката со кои разговаравме, а кои инсистираа да останат анонимни, плашејќи се за своите работни места, раскажуваат дека не можат да се смират од кланицата која се случувала таму синоќа, но и во тек на денешниот ден.
-Дојде човек од страна, коњите се колеа во магацински простор. Немаме зборови, не помагаа ниту молби, ниту солзи – велат тие.
Дознаваме дека лица вработено во ЗОО Скопје, завршило на ургентен центар, поради преголема вознемиреност и стрес поради настанот.
Според првичните информации, коњите биле наводно запленети од дрвокрадци. Директорот на ЗОО Скопје, Кристијан Стаменов првично изјавил дека добиле 16 животни, а оние кои биле болни биле усмртени и намерата била да завршат како храна на месојадните животни.
,,Фокус” го контактираше Стаменов, но неговата кратка изјава беше дека не може да зборува, бидејќи е со инспектори од Агенција за храна и ветеринарство.
Набргу потоа, од Град Скопје информираа дека тој е разрешен од функцијата, бидејќи неговата одлука за усмртувањето на коњите е спротивна со заложбите за хумано чување и одгледување на животни.
Вики Клинчарова