Жители на зграда на улицата ,,Борис Крајгер” во Штип се прогласени за најнесовесни станари од страна на нивните сограѓани, бидејќи околу зградата можат да се забележат купишта на ѓубре кое го фралаат од прозорците.
Во зградата имало околу 50 стана, а од регионалната ТВ Стар снимиле и прилог во кој се гледа дека станарите ја направиле околината на зградата како депонија.
Како што раскажуваат штипјани, бидејќи на станарите не им се одело до контенејнерите, каде треба да се фрли ѓубрето, полесно им било да го мавнат доле, од прозор. Грдата слика, нехигиената, но и потенцијалните жаришта на зарази, очигледно ги занемариле и безгрижно си живеат опкружени со ѓубре.
Од станарите на оваа зграда дури и надлежните институции кренале раце, бидејќи по секое чистење, веќе истиот ден се продолжувало со фрлање на ѓубре од балконите.
-Доколку биде фатен на лице место прекршител, од балкон да фрла ќеса со комунален отпад, истиот ќе биде санкциониран со казна од Закон за јавна чистота. Може да се организира акција тоа да се исчисти, но се плашам дека истите граѓани и во иднина пак ќе го направат тоа. Упатувам апел истите тие да си го исчистат и да го фрлаат своето ѓубре во контејнерите. Тоа не е отпад донесен од страна, туку фрлен од нив- за ТВ Стар истакнува општинскиот комуналнен инспектор Борче Везенков.
Фото Принтскрин ТВ Стар
Вики Клинчарова